ПОДГОТОВКИ ЗА ПОПИСОТ Последен ден за пријавување за реонски попишувачи и инструктори
Досега, според податоците објавени на веб страницата на ДЗС, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 190.359 лица од дијаспората.
Јавниот конкурс на Државниот завод за статистика (ДЗС) за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите завршува денеска. Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но поради летните одмори беше продолжен до 12 август.
Државниот завод за статистика ги повикува сите заинтересирани да се пријават на електронската апликација на линкот на ДЗС и на линкот за пописот. Следните линкови: www.stat.gov.mk и https://popis2021.stat.gov.mk
Заинтересираните кандидати кои ќе достават електронска пријава, потребните документи ги доставуваат исклучиво во хартиена форма по пошта до Државниот завод за статистика, ул. Даме Груев бр.4 во Скопје, п.фах 506, најдоцна до 16 август 2021 година или на денот на закажаното тестирање во просториите каде што ќе се спроведе тестирањето.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија ќе се одржи од 5 септември до 30 септември 2021 година.
Во меѓувреме продолжува електронското самопопишување на државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство. Досега, според податоците објавени на веб страницата на ДЗС, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 190.359 лица од дијаспората. Самопопишувањето на македонските државјани во странство ќе трае до 30 септември, кога завршува Пописот на населението, домаќинствата и становите