Нема да го користам албанскиот, ќе зборувам на македонски

Да нѐ не вознемирува изнасиленото поведение на албанските политичари кои, долго ограничувани, во некои случаи го употребуваа албанскиот и кога никој друг не ги разбираше. Тоа не може да трае долго и ќе се најде вистинската мерка откога ќе се прифати рамноправноста на народите и на нивните јазици во заедничката држава Македонија.

17,077

Пред повеќе години интервенирав со смирувачки тонови упатени кон вознемирената македонска јавност од употребата на албанскиот јазик во државните институции. Разбирајќи го целосно стремежот на албанскиот народ кон рамноправност и преку употребата на јазикот како нивна татковина, онака како што македонскиот е наша, наведов пример кој покажува дека секое претерување, од било која страна, еден ден ќе стане смешно. Да ја повторам приказната. Јазикот на кој сите ние комунициравме во југословенската федерација беше српско-хрватскиот, како што се нарекуваше тогаш. Така беше и во процесот на распаѓањето како и на конференцијата за Југославија каде што го запознав Данило Тирк, член на сповенечкиот тим, иден амбасадор во ОН и иден претседател на Словенија. Српско-хрватскиот беше јазикот на нашата комунуикација и кога ја немаше Југославија, а ние бевме претставници на две независни држави во светската организација. Еден ден, на состанокот во просториите на ОН, Тирк на употребата на српско-хрватскиот од моја страна, не одговори како обично туку на англиски. Јас автоматски прејдов на англиски, еден од јазиците на светската организација, и така заврши нашата средба. На крајот го замолив да ја задоволи мојата љубопитнпост и да ми каже зошто одбегна да го употреби српско-хрватскиот. Тоа ми се инструкциите од Љубљана, ми одговори, по малку засрамено, ми се стори. Но, како и се што е изнасилено, ова решение, меѓу луѓе кои живееле заедно во една држава повеќе од седумдесет години и сепак имаа почит едни кон другитите и кон нивната посебност, траеше кратко. Да нѐ не вознемирува изнасиленото поведение на албанските политичари кои, долго ограничувани, во некои случаи го употребуваа албанскиот и кога никој друг не ги разбираше. Тоа не може да трае долго и ќе се најде вистинската мерка откога ќе се прифати рамноправноста на народите и на нивните јазици во заедничката држава Македонија, напишав.

Вчера, на состанокот на Рефлексија 2030, десетгодишна надворешно политичка стратегија на МНР, на која се расправаше за улогата на собранието во креирањето и промоцијата на надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, се случи токму тоа. Со состанокот претседаваа министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот на собранието Талат Џафери. После неколку зборови на албански, како манифестација на рамноравност, излагањата на двајцата политичари беа на македонски. Истото се повтори и со учесниците во дебатата кои беа Албанци. Сите до еден. Слушалките за превод кои лежеа на масата не се ставија во употреба, ако воопшто и имаше преведувач зад застаклениот дел од просторијата. Еднаш задоволен, поривот кон целосна рамноправност, му отстапува место на практичното – употреба на јазикот со кој се разбираме сите. Но, и повеќе од тоа: вчера присуствував на една манифестација на јавна поддршка на македонскиот јазик, јавна но, што е најважно, и доброволна. Тоа се цврсти темели на нашето заедништво насочено кон мир и просперитет на сите граѓани на заедничката држава.






А тоа што претседателот на собранието Џафери, претставувајќи ја Македонија, зборуваше на албански некни во европските институции, ќе праша некој? Се присетив на една посета на претседателот на Југославија Тито на Белгија. На свечениот ручек, кралот Бодуен ја исчита својата здравица на француски до половина, а од половина натаму , на фламански.

 

Поврзани содржини