Пратеникот Стојаноски до СДСМ: Сте влегле ли во маркет откако сте на власт?
Вие ќе купувате возила и мебел, а народот ќе трпи за леб, рече Стојаноски кој ѝ забележа на владејачката партија дека во предложениот буџет нема ни „Г“ од ветениот студентски град, ниту пак се предвидени капитални инвестиции.
Во буџетот се предвидени милионски суми за купување на мебел и возила, за државни вработувања и зголемување на плати во институциите, наместо за проекти важни за секојдневното живеење на сите граѓани.
– Посуштински е да се набават амбулантни возила, противпожарни возила, да се набават лаптопи на наставниците, таблет уреди за оние кои не можеа да следат настава – рече Бојан Стојановски- пратеник на ВМРО- ДПМНЕ во денешната расправа за предложените измени и дополнувања на државната каса.
Тој рече дека Министерството за образование и за одбрана се рекордери по предложените ставки за купување на мебел и тоа во услови на криза.
– Вие ќе купувате возила и мебел, а народот ќе трпи за леб – рече Стојаноски кој ѝ забележа на владејачката партија дека во предложениот буџет нема ни „Г“ од ветениот студентски град, ниту пак се предвидени капитални инвестиции.
Во своето образложение на забелешките на опозицијата за ребалансот на буџетот, Стојаноски ги праша пратениците од СДСМ дали откако се на власт влегле во маркет за да видат колку се поскапени цените на производите, како маслото за јадење, брашното….
– Жалиме што власта не собра храброст да прифати амандмани за набавка на 20 противпожарни возила, за амбулантни возила, за финансиска помош за текстилната и кожарската индустрија, за враќање на средствата на граѓаните кои се вакцинираа во земји од соседство и многу други амандмани кои суштински ќе направеа разлика и ќе го подобреа животниот стандард на граѓаните – рече Стојаноски.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски предложи Резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на земјата да биде втора точка на дневниот ред на седницата, наместо девета и за македонските црвени линии за идентитетските прашања да се расправа веднаш по точката за буџетот. Неговиот предлог беше прифатен од 85 пратеници, така што за Резолуцијата ќе се расправа или во попладневниот дел од седницата, откако ќе заврши расправата за ребалансот на буџетот, или на следнотто продолжение на пленарната седница.
Пратениците сега се на редовна пауза до 16 часот.