Македонија се иселува во ЕУ

Според статистиката на Евростат на македонски граѓани во членките на ЕУ досега им се издадени околу 390.000 дозволи за престој. Ако веќе ЕУ тешко доаѓа овде, без оглед по чија вина, македонските граѓани ќе продолжат да размислуваат да се иселат во неа.

1,643

За мошне слаби економии, каква што е македонската, масовното иселување и големата загуба на иновативна сила е поразително. Но и покрај тој крајно загрижувачки факт, егзодусот на македонските граѓани, што како процес се чини е целосно вон контрола, продолжува. Претстојниот попис, претходно прекинат и одложен, како нешто веќе видено, според некои очекувања, би можел, барем делумно, да ги покаже размерите на демографската пустош во делови од земјата, што зад себе го остава емигрирањето.

Младите, меѓу кои голем број со високо образование, во последните години се иселуваат избирајќи ја насоката кон богатите ЕУ-членки. За нив, без оглед дали со бугарски, македонски, или можеби некои други пасоши, ЕУ не е недостижна. Напротив, тоа е енормен, отворен пазар на труд, со голем капацитет да апсорбира работна сила од сиромашните земји.






Во обратна насока, во периодот на летните годишни одмори, иселениците се слеваат кон Македонија, живнуваат испразнетите македонски градови, посебно рестораните, угостителските објекти и туристичките места – но само за кратко.

Главната насока мошне брзо повторно се свртува кон развиените делови на ЕУ, каде што привлечна сила имаат пред сè повеќекратно повисоките плати и материјалното вреднување на трудот, и од каде што ретко кој се решава да се врати и „репатрира“ во сиромаштија и услови на правна и економска несигурност, раширена корупција, непотизам, невработеност и и длабоката поделеност на општеството по партиски и етнички линии. Такви нешта, се разбира, постојат и во ЕУ, но повисоко поставените стандарди и заштитни механизми му овозможуваат на обичниот граѓанин да ја согледа рамката на микропросторот во кој може да ја планира својата иднина.

Македонија воопшто не е изолиран случај кога станува збор за последиците од иселувањето на помладото население, ниските стапки на наталитетот и нарушувањето на старосната структура на популацијата. Голем број земји во Европа се соочуваат со предизвици поради континуиранот одлив на младите и образовани луѓе. Според некои проценки, околу 450.000 работноспособни граѓани ја напуштиле Грција во последните десетина години, од кои околу 250.000 имаат универзитетско образование. Веќе е констатирано дека таквиот развој всушност претставува тежок удар за една слаба и кршлива економија.

Романските политички лидери во неколку наврати дури остро ја критикуваа политиката на отворени граници и слободно движење на граѓаните на подрачјето на ЕУ, барајќи едновремено помош во напорите да го запрат „изливот“ на младите од земјата. Околу 20 отсто од населнието на Романија работи во странство. И повеќето други источноевропски земји имаат сериозни проблеми поради големиот замав на иселувањето. Во Унгарија, која беше една од најгласните пред неколку години за да се запрат мигрантските бранови кон Европа, меѓу населението е раширена загриженост бидејќи сè поголем број млади Унгарци работат во Франција, Германија, или во Велика Британија.

Принципите врз кои функционира европскиот пројект, – слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, – не можат да создадат услови што би можеле да го запрат прелевањето на наслението и работната сила од посиромашните региони и држави кон побогатите и развиените. ЕУ не би можела да функционира доколку би се претворила во сопствена негација.

Во Полска, Романија, Италија, Шпанија, Бугарија, Унгарија и Грција граѓаните се позагрижени гледајќи дека нивни сонародници масовно се иселуваат, отколку што покажуваат загриженост дека мигранти од странство се населуваат во нивната земја. Загриженоста оди до тој степен што многумина сметаат дека не би требало да им се дозволува на граѓаните да ја напуштаат земјата на подолги периоди.
Поради засиленото иселување и „одливот на мозоци“, мнозинството анкетирани изразуваат подготвеност да дадат поддршка на воведување некаква форма на „контрола на емигрирањето“. Рецидиви од комунизмот очигледно не се сосема исчезнати.

Но иселувањето како феномен не претставува ништо ново од историска перспектива. Ако порано луѓето почесто се иселувале кон прекуокеанските земји, денес е забележлива поголема и подинамична раздвиженост кон и вантре во ЕУ. За многумина е лесно разбирливо и прифатливо дека ЕУ ги има олеснето условите за емигрирање, посебно за младите кои ги согледуваат шансите да бараат нови и посигурни економски можности. Тука многу не помога наметнување некакви бариери и ограничувања, ниту пак апели да се чува и негува патриотска свест. Зошто некој би размислувал да се врати кога во денешни услови е толку лесно да се патува и кога платите се толку добри на други места.
Чекорот да се иселиш и да тргнеш во „туѓина“ не е толку голем денес, каков што бил порано. Времињата се менуваат, а со нив би требало да се менуваат и политичарите, оние што се одговорни и ветуваат дека ќе се заложат да обезбедат услови за пристоен живот. „Подобар живот за сите“ и перспективност за младите.

Македонските политички лидери заговаарат реферми што ќе го кренат развојот на општетството и стандардот на граѓаните на повисоко ниво. Но тоа што граѓаните на најширок план најмногу го гледаат и доживуваат по изборите е промена на партиските дресови во институциите и заседнување на ешалоните на власта во фотелји што се чекани како важен миг за да се обезбеди лична полза, и, по можност, материјална добивка. И тоа во една чудна политичка симбиоза на партиски и етнички интереси. А за останатото – ќе се види кога ќе се создадат услови.

Според статистиката на Евростат на македонски граѓани во членките на ЕУ досега им се издадени околу 390.000 дозволи за престој. Ако веќе ЕУ тешко доаѓа овде, без оглед по чија вина, македонските граѓани ќе продолжат да размислуваат да се иселат во неа.

 

Поврзани содржини