Д-р Ѓикиќ: Започна четвртиот бран и не може да се сопре
Опасноста од делта сојот се рефлектира во фактот дека тој се шири дури 60 проценти побрзо од првичниот британски алфа сој – молекуларниот биолог.
Четвртиот бран на пандемијата на коронавирусот, предизвикан од делта варијантата, веќе започна и не може да се спречи, но може да се контролира поефикасно за да се намали бројот на заразени и починати, вели хрватскиот научник, молекуларниот биолог Иван Ѓикиќ.
Во интервју објавено денес од сараевскиот дневен весник „Дневни аваз“, Ѓикиќ рече дека нема простор за релаксација затоа што и земјите што успеале да вакцинираат повеќе од половина од населението, како Велика Британија, Шпанија и Португалија, се најдоа во големи проблеми.
– Опасноста од делта сојот се рефлектира во фактот дека тој се шири дури 60 проценти побрзо од првичниот британски алфа сој – вели Ѓикиќ.
Ова доведе до ситуација во која, на пример, во Велика Британија, дури 90 проценти од новоинфицираните лица се заразени со делта, така што Ѓикиќ ја опишува ситуацијата во таа земја како опасна.
– Се движиме кон полошо и бројот на заразени се зголемува од ден на ден. Ова значи дека оваа нова варијанта исто така може да ни создаде проблеми со вакцинацијата – предупреди Ѓикиќ.
Неговата препорака е да се зголеми вакцинацијата, претпазливоста, но и да се интензивира тестирањето со цел навремено да се открие појавата на делта сојот кај населението и да се спречи ширењето на инфекцијата.
Четвртиот бран на пандемијата, заклучи тој, не може да се запре, но може да се спречи неговото неконтролирано ширење, односно може да се избегне сценариото од третиот бран во минатата зима. Ако се постигнеше ова, бројот на смртни случаи и заболени ќе се преполови, но сценариото за повторно затворање ќе се избегне.