Бајден ја поздрави иницијативата „Три мориња“ во Софија и порача да се искорени корупцијата
Американскиот претседател, Џо Бајден, во своето видео обраќање од Белата куќа до учесниците на шестиот годишен состанок на иницијативата „Три мориња“, што се оддржува во Софија, кажа дека Вашингтон ја поддржува оваа иницијатива.
Американскиот претседател повика на искоренување на корупцијата и во својот говор додаде дека само доколку земјите од Централна и Источна Европа работат заедно, тие ќе го зајакнат својот суверенитет и енергетската безбедност.
Бајден изрази благодарност до бугарскиот претседател, Румен Радев, и министерот за економија, Кирил Петков, кои се домаќини на настанот.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија,според американскиот претседател, иницијативата „Три мориња“ има неверојатен потенцијал да го подобри просперитетот на овој регион.
– Ангажирани сме да ги подобриме врските со институциите во вашиот регион за да може Европа да ја исполни својата долгогодишна цел да биде обединета, да работи и да живее во мир – рече Бајден во видео обраќањето до форумот во Софија.
Тој додаде дека демократиите мора да докажат дека можат да работат за своите народи.