ЕХФ постави ултиматум, на Вардар му се заканува исклучување од Европа!
Предметните долгови датираат од времето на Сергеј Самсоненко. ЕХФ бара депозит од еден милион евра на две рати (половина до 13 јули и половина до 27 јули), како гаранција дека долговите ќе бидат подмирени.
Откако поранешниот газда Сергеј Самсоненко го „закопа“ фудбалскиот клуб Вардар, сега дојде ред и на ракометниот.
Имено, ЕХФ денес ја информираше јавноста дека Вардар нема да може да игра во Лигата на шампионите, или во Лигата на Европа, доколку до 27 јули не плати сума од еден милион евра!
Ова покажува дека учеството на двократниот европски шампион во елитата следната сезона не е толку сигурно.
Предметните долгови датираат од времето на Сергеј Самсоненко. ЕХФ бара депозит од еден милион евра на две рати (половина до 13 јули и половина до 27 јули), како гаранција дека долговите ќе бидат подмирени. Доколку не е така, ЕХФ нема да го регистрира Вардар за европски натпреварувања во следната сезона, а нивно место во групната фаза од Лигата на шампионите ќе го заземе шампионот на Словенија, Горење Велење.
Европската ракометна федерација денес ги објави имињата на шест клуба кои, благодарение на специјалната покана, следната сезона ќе бидат во групната фаза од ЕХФ Лигата на шампионите. Вардар не беше меѓу нив, бидејќи неговото учество беше сигурно уште од самиот почеток. Македонскиот шампион беше меѓу 10-те клубови кои беа сигурни учесници од самиот почеток, но сепак поради долговите тоа не е така.
Новиот газда Михајло Михајловски го пријави клубот со ново име (Вардар 1961) со цел да „купи време“ за исплаќање на долговите кој Сергеј Самсоненко вети дека ќе си ги подмири, но најверојатно тоа досега не се случило, при што следи реакцијата на ЕХФ.