ЕУ воведува „дигитални“ кочници за возилата: системот ИСА ќе го намалува бројот на несреќи

Во 2024 година секој нов автомобил кој ќе се продаде ќе мора да ги има овие безбедносни системи.

717

Европската комисија размислува да воведе одредба со која новите модели на возила ќе мораат да се продаваат со вграден систем за спречување на недозволени брзини. Системот ИСА е дигитален систем кој на неколку начини го известува и предупредува возачот дека ја надминал дозволената брзина. Работи преку џи-пи-ес, а со дигитална картичка автоматски се прилагодува на ограничувањата на брзината на разните патишта.

ИСА работи на неколку начини. На пример, „информативниот“ ИСА преку визуелни и аудио сигнали на возачот му дава повратни информации, „предупредувачкиот“ ИСА го зголемува обратниот притисок врз гасот (го отежнува забрзувањето), а „интервентниот“ ИСА има повеќе функции, како што е намалување на вбризгувањето на гориво со што ја намалува брзината. Во сите овие случаи, возачот ќе има можност да го исклучи системот и да ја преземе контролата врз возилото.






60 до 75 отсто од граѓаните на ЕУ се за воведување на ИСА

Преголемата брзина предизвикува околу 30 отсто од автомобилските несреќи со смртен исход. Во просек, 40 до 60 отсто од возачите ја преминуваат пропишаната брзина.

Затоа ЕУ истражила на кои сè начини напредната технологија може да ја подобри сигурноста на патиштата. Експериментите со системот ИСА се спроведени во десет европски земји. Претходните истражувања во Холандија покажале дека ИСА би можел да го смали бројот на приеми во болниците за 15 отсто, а бројот на мртви за 21 отсто, пишува Европската Комисија.

Според испитувањата, 60 до 75 проценти од граѓаните на ЕУ би го вградиле ИСА системот во својот автомобил.

ИСА ќе мораат да го имаат сите нови возила до јули 2024?

Јавната расправа за овој нов европски пропис заврши пред месец дена. На состанокот одржан во мај ЕУ-членките го дадоа своето неформално „да“ за нацртот на техничките спецификации за ИСА, кој ќе биде усвоен во јули годинава.

Европскиот совет за сигурен превоз го поздрави одобрувањето на ИСА од страна на државите членки на ЕУ. Според предложениот план, ЕУ до следната година ќе има најстроги безбедносни стандарди за возила во целиот свет, со системи кои вклучуваат кочење по потреба(АЕБ), помош во задржувањето на возилата во својата лента и – системот ИСА. Во 2024 година секој нов автомобил кој ќе се продаде ќе мора да ги има овие безбедносни системи.

ИСА ќе биде задолжителен за категориите на возила М1, N1, M2, N2, M3 и N3 до 6 јули 2022, и тоа за сите нови типови на возила во Европа до 7 јули 2024 година. Некои производители овој систем веќе го нудат како дополнителна опрема за своите модели на возила.

Поврзани содржини