Родителите протестираат против новите образовни реформи: Нема да ги пуштиме децата на училиште!
Јана Стојановска, мајка на ученик во второ одделение, рече дека ако бидат прифатени новите содржини во учебниците, таа нема да му дозволи на своето дете да оди на училиште.
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” денеска организираше мирни протести во повеќе општини во државата и мирен марш во Скопје кој започна пред Министерството за образование и наука.
Тие протестираат против Предлог-законот за дигитализација на учебниците. Поднесоа иницијатива за референдум откако ги собраа потребните потписи.
Министерката за образование, Мила Царовска, пак, не попушта – вели промени во образованието мора да има.
Јана Стојановска, мајка на ученик во второ одделение, рече дека ако бидат прифатени новите содржини во учебниците, таа нема да му дозволи на своето дете да оди на училиште.
– Можеби ќе бидам емотивна, но станува збор за моето дете. Тоа што е моја најголема болка е тоа што лани без никаква најава, моето дете ме праша дали машко може да биде трудно. Ние како родители немаме проблем со ничиј избор, но очигледно дека некој има проблем со нашиот избор. Некој ни го забранува изборот да ги растеме и да ги воспитуваме децата онака како што сакаме. Сексуалното образование треба да е право на избор, а не обврска. Ако се вратат училишните клупи со содржините кои сега се понудени, моето дете нема да оди во училиште – рече Стојановска.
Средношколецот Максим Крстевски рече дека министерката Мила Царовска не сака да го слушне нивниот револт.
– Видовме дека онлајн наставата не вроди со плод. Дигитализација да, ама не на ваков начин. Учебници мора да има и мора да се вратиме на училишните клупи. Тој е вистинскиот начин за добра настава. Министерке, размислете уште еднаш и повлечете го законот – рече средношколецот.