Граѓаните лути и збунети – термин за вакцинација се добива преку ред

Не знам кој и како ја врши селекцијата на пријавените лица, но еве гледам лица од околу 35 години добиле термин за вакцинирање. Мој колега, кој е и помлад од мене, се пријави подоцна од мене на вакцинација.мк, а веќе доби термин, вели скопјанка.

1,993

На социјалните мрежи врие од незадоволни граѓани поради начинот на кој се одвива процесот на вакцинација против ковид-19. Незадоволни се граѓаните кои се имаат пријавено на vakcinacija.mk, а сѐ уште немаат добиено термин иако нивни врсници или помлади од нив веќе се вакцинирале.

Граѓаните сведочат дека лица од различни возрасти добиваат термини, па дури и помлади од 40 години, додека повозрасни сѐ уште чекаат да бидат повикани за вакцинирање.






– Не знам кој и како ја врши селекцијата на пријавените лица, но еве гледам лица од околу 35 години добиле термин за вакцинирање. Мој колега, кој е и помлад од мене, се пријави подоцна од мене на вакцинација.мк, а веќе доби термин – вели нашата соговорничка.

Друг граѓанин вели дека е пријавен на vakcinacija.mk, има 38 години, добил мејл само дека е регистриран и дека ќе добие термин, но вели дека чита на социјалните мрежи дека помлади на возраст од 34-35 години и малку постари (40 до 45 години) веќе имаат добиено термин деновиве и ќе се вакцинираат.

фото: Принтскрин/Фејсбук

Од Министерството за здравство за Плусинфо велат дека системот Мој Термин закажува термини за вакцинација според возраста и според планот за имунизација.

– Имунизацијата се спроведува согласно Националниот план. Во некои места каде е спуштена границата по возраст за вакцинација е затоа што повозрасна категорија граѓани се веќе извакцинирани или пак сега не се одлучиле да се вакцинираат – велат од Министерството за здравство.

Претходно, министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека до 15 мај ќе бидат повикани сите лица кои се пријавени до 30 април на вакцинација.мк за да бидат вакцинирани против ковид-19, без разлика на возраста.

– Министерот Филипче изјави дека сите што се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk до 30 април, до 15 мај ќе добијат термин кога ќе може да се вакцинираат – додаваат од Министерството.

Претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ), д-р Лилија Чолакова-Дервишова ни објасни со какви сѐ проблеми се соочуваат матичните лекари при пријавувањето на пациентите за вакцинирање против ковид-19.

– Некои се пријавуваат на vakcinacija.mk и сите тие треба да имаат мејл. Кажете ми кој пензионер има мејл од оние кои се повозрасни и живеат во рурални места? На тие што немаат мејл, им пишуваат нивните внуци или некој помлад – вели Чолакова-Дервишова.

Многу луѓе реагираат дека нема ред, дека возрасните пријавени не се повикуваат, но и дека матичните имаат проблем да добијат термини.

– Лицата кои Мој термин ги има означено со зелено поле во програмот, можеме да ги кликнеме. Ред нема, бидејќи хаосот се направи кога почна Мој термин да закажува термини на сопруг во Кавадарци, на сопруга во Гевгелија и слично. Исто така, проблем беше што на едниот член на семејство во еден ден, на друг член од семејство пак за Кавадарци за следниот ден. И на пример, од Велес, кој бил секогаш центар и имал вакцинален пункт, патот со такси до Кавадарци е 2.200 денари. Така им се направи проблем огромен за пациентите. А можеше во Велес огромен број луѓе да се вакцинираат во вакциналниот пункт. Се надевам дека ќе се отвори поголем вакцинален пункт во Велес за да ги прифати сите пациенти кои имаат изразено желба да се вакцинираат – вели претседателката на Здружението на приватни лекари.

Поврзани содржини