Странски стратешки инвеститори ќе купуваат земјоделско земјиште по цена од 1 евро за квадрат

Нацрт текстот на законот за продажба на земјоделско земјиште е подготвен и поставен на ЕНЕР.

2,601

Продажба на земјоделско земјиште на домашни и странски приватни лица и компании на јавен оглас или со посебен договор за стратешки инвестиции со почетна цена од 0,20 евра до 1 евро за квадратен метар и можност за пренамена на земјиштето по 10 години во градежно. Годишно можат да се продадат до 50.000 хектари, а парите од продажбата во процентуален износ се распределуваат меѓу државата и општините во кои се наоѓа земјиштето. Ова е дел од содржината на нацрт-текстот на новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште кој е поставен на ЕНЕР и за кој може да се даваат мислења.

Со овој закон, како што беше најавено, ќе треба да се овозможи продажба на 20 отсто од државното земјоделско земјиште, а за тоа државата да инкасира 2,5 милијарди евра од веќе заинтересирани компании од станство.






И со овој закон, како и со претходните, предвидена е можност за продажба на земјоделско земјиште на странци главно државјани на земји од Европската Унија, но и странски лица и компании под посебни услови, односно преку сопственост на акции или удели во домашно правно лице доколку со сопственост се стекнат преку реализација на стратешки инвестиционен проект одобрен согласно Законот за стратешки инвестиции на земјата или да имаат сопственост во домашниот субјект пониска од 50 отсто.

Со овие инвеститори, како што пишува во Законот, продажбата ќе се врши со непосредна спогодба. Договорот за ваквиот вид на продажба на земјиштето го потпишува министерот за земјодлество под услови и за цена по метар квадратен утврдени со Законот со кој одобрува реализација на стратешки инвестиционен проект.

Иако беше најавено, сепак се отстапува од тоа дека нема да се дозволи новиот сопственик на земјиштето да го пренамени од земјодлеско во градежно. Ограничувањето за тоа, според нацрт-текстот на Законот е 10 години од купувањето иако и во тој период има можност за отстапки предвидени со Законот. Тоа може да се случи само ако новиот сопственик сака дел од земјиштето да намени за изградба на инвестиција поврзана со договорот за продажба. Сопственикот не може да го продава купеното земјиште, не може да го дарува, разменува или да го даде под концесија за геолошки истражувања или за експлоатација на минерални суровини. Но, и тука има отстапки кога се во прашање стечајната постапка, размената во процесот на консолидација на земјиштето или експропријација од страна на државата за објекти од јавен интерес. Притоа државата за експроприраното земјиште ќе треба да ја плати цената по која го продала тоа земјиште.

Законот не дозволува државата да продава земјоделското земјиште во државна сопственост ако е наменето за археолошко истражување, ако е дел од заштитено подрачје или ако го користат АРМ, МВР или Министерството за правда.

Продажбата на земјоделското земјиште во државна сопственост може да се врши преку јавен оглас, јавен повик, потоа преку постапка за продажба на технолошка целина, за консолидација на земјоделско земјиште или по пат на непосредна спогодба за реализација на стратешки инвестиционен проект одобрен согласно Законот за стратешки инвестици.

Почетната цена за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост за секој јавен оглас ја утврдува Владата во зависност од катастарската класа и катастарска општина во која се наоѓа земјиштето и не може да биде пониска од 0,20 евра кавадратен метар ниту повисоко од 1 евро. За земјиштето од прва и втора класа почетна цена се утврдува на 1 евро. Почетна цена од 0,50 евра се утврдува за земјоделско земјиште III и IV катастарска класа и 0,20 евра за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа. Доколку земјоделското земјиште се наоѓа над 700 метри надморска височина, почетната цена се намалува за 30%.

Продажбата на земјиштето се врши врз основа на тригодишна програма за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост која ја донесува Владата, на предлог на Министерството за земјоделство. Предмет на програмата може да биде максимум 50.000 хектари од слободното земјоделското земјиште во државна сопственост.

„Во програмата треба да се застапени сите катастарски класи на земјоделско земјиште кои согласно евиденцијата во Агенцијата за катастар на недвижности постојат во државна сопственост и тоа на начин што ниту една катастарска класа нема да биде застапена со процент поголем од 50 отсто“, наведено е во нацрт-текстот на законот.

На јавен оглас или повик за продажба на земјодлеско земјиште може да се јави правно и физичко лицеако е државјанин на Република Северна Македонија, потоа правни лица кои се резиденти во кои сопственоста на акциите или уделите во процент од најмалку 51 отсто треба да биде во сопственост на физички лица државјани на земјава или правни лица резиденти кои не се подружници на странски правни лица. Треба да се носители на земјоделско стопанство и да ги имаат подмирено сите долгови кон државата вклучувајќи и даноци и придонеси или фирми што се во стечај и непрофитни организации.

Приходите од продажбата на земјоделското земјите, според Законот, се распределуваат во сооднос 49 отсто за Република Северна Македонија, 2 отсто за Министерството за покривање на трошоците за спроведување на постапките за продажба согласно овој закон и 49 отсто за општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во зависност од местоположбата на земјоделското земјиште кое е предмет на продажба. Општините од подрачјето на градот Скопје и градот Скопје, средствата ги распределуваат во сооднос 25 отсто за општината од подрачјето на градот Скопје и 25 отсто за градот Скопје.

Сумата наплатена од продажбата на земјиштто во тековната година се распределуваат на општините, општините во Град Скопје и Град Скопје кои имаат реализација на приходи од данок на недвижен имот над 80 отсто во однос на планираните во претходната година според податоците од трезорската евиденција. Доколку општините, општините во Град Скопје и Град Скопје ги немаат исполнето условите, средствата стекнати од продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост се приход на Буџетот на Република Северна Македонија.

Од вкупно 557.662 хектари се класифицирани како обработливо земјиште 41 отсто односно 228.000 хектари (без пасишта) се во сопственост на државата.

Земјоделските здруженија веќе реагираа и на самата најава за продажба на земјоделското земјиште на таканаречените стратешки инвеститори со очекување да бидат консултирани при подготовка на законското решение.

Од Владата велат дека законското решение кое ќе биде изработено пред да се достави во владина постапка, ќе биде предмет на транспарентна и широка расправа и дискусија на која ќе бидат поканети да учествуваат сите заинтересирани невладини и владини организации.

Законот, велат од Владата, има цел да влијае позитивно врз развојот на земјоделскиот сектор и во никој случај нема да се одрази негативно на домашното земјоделско производство.

Поврзани содржини