Законот за државјанство запна на албанскиот јазик

Села и Гаши бараат државјанство да може да се добие само со познавање на албанскиот јазик, односно на еден од службените јазици. За власта македонскиот јазик е службен и за домашна и за надворешна употреба и не може само со познавање на албанскиот јазик да се добие македонско државјанство.

1,330

Македонско државјанство да може да се добие само со познавање на албанскиот јазик, а тие кои претходно веќе се откажале повторнo да може да добијат македонско државјанство. Овие одредби од предлог законот за државјанство доставен од Алијансата за Албанците и Алтернатива до Владата се спорни за власта и го кочат носењето на законот за државјанство по што треба да се одблокираат и 20 закони во Собранието, вели за Плусинфо висок владин функционер.

Премиерот Зоран Заев неодамна посочи дека законот за државјанство доставен од коалицијата АА-А не одговара на договореното на лидерските средби.






Се очекува деновиве или најдоцна следната недела да има средба помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претставници на АА-А за да се види дали е можен договор за законот за државјанство за тој да влезе во собраниска процедура, по што Алијанса и Алтернатива би ги повлекле илјадниците амандмани.

Од власта велат дека прашањето за јазикот за нив е расчистено на средбите помеѓу Заев, Спасовски и Бојан Маричиќ со лидерите на АА-А Зијадин Села и Африм Гаши. Сега, велат е нејасно зошто се инсистира повторно на тоа прашање.

– Македонскиот јазик е службен и за домашна и за надворешна употреба. Не може со познавање само на албанскиот јазик да се добие македонско државјанство, тоа е спротивно на Уставот. Општењето на странци кои бараат македонско државјанство мора да е само на македонски јазик. Откако ќе добијат државјанство, тие, албанскиот јазик може да го користат како што е законски утврдено – вели функционерот.

Според власта, на Села и на Гаши на средбите им било укажано дека освен што тоа е противуставно, е и дискриминирачко за граѓаните од другите соседни држави кои бараат македонско државјанство. Аргументите се дека албанскиот е мајчин јазик на соседна држава и дека со тоа се ставаат во нерамноправна положба граѓаните од другите соседни земји кои аплицираат за македонско државјанство.

– Службен јазик надвор од државата е само македонскиот јазик. Алијанса и Алтернатива не би требало да инсистираат на поинакво решение, бидејќи институциите не ќе можат да потврдат закон кој е противуставен, и потоа, Уставниот суд да толкува. Впрочем од 2.700 баратели за македонско државјанство само 6 се одбиени врз основа на непознавање на македонскиот јазик. Оттука сметаме дека прашањето за јазикот е затворено – вели висок функционер од Владата.

Од власта објаснуваат дека спорна е и одредбата со која Села и Гаши бараат граѓаните кои порано веќе се откажале од македонското државјанство сега повторно да може да се стекнат со него. Барањето е во законот да се избрише одредбата матична земја.

Претежно станува збор за граѓани кои во поранешна Југославија во 50-те години заминале за Турција. Тогаш тие се откажале од југословенското државјанство, односно дале изјава дека Турција им е матична земја. Села и Гаши сега бараат тоа да не важи, односно тие граѓани или нивни потомци да можат да добијат македонско државјанство. Аргументите на лидерите на Алијанса и Алтернатива биле дека тие се откажале од државјанство бидејќи владеел режим и дека тие изјавите ги потпишувале под присила, а не по сопствен избор.

Ова барање го разгледуваат експерти и МВР дали и како може да се реши. Се анализира дали и какви последици за државата ќе предизвика доколку од законот се избрише одредбата матична земја. Односно дали синови и ќерки на граѓани кои тогаш за матична земја се изјасниле дека им е Турција сега ако аплицираат за македонско државјанство ќе бараат да наследат тоа што нивните родители го поседувале, дали нивните имоти биле национализирани и дали сега ќе си ги бараат и дали е можно да си ги вратат имотите.

Според власта, другите одредби од законот за државјанство се усогласени и од таму велат дека се надеваат оти АА-А нема да инсистираат за јазикот и да пропадне договорот за законот. Од власта потсетуваат дека направиле отстапки во интерес на граѓаните кои се без македонско државјанство да се стекнат со него, но повторуваат дека нема државјанство со сведоци туку со документи.

Претседателот на Алијанса, Села вчера во гостување во емисијата „Клан дебата“ откри детали од ќорсокакот за законот за државјанство. Тој рече дека Владата се спротивставува на нивниот предлог апликантите, покрај македонскиот јазик, да имаат можност да добијат државјанство со познавање само на албански јазик. Тој открива дека за ова барање не добил поддршка од партиите на Албанците во Владата.

– За жал, албанските партнери кои се дел од Владата, не се спротивставуваат на премиерот кога се борам за јазикот во тој член 7 точка 6 од Законот за државјанство во кој сега се вели дека апликантите за да добијат државјанство треба да знаат македонски јазик. Предложивме тие да познаваат еден од официјалните јазици. Неодамна испративме друга дефиниција, да го познаваат македонскиот јазик или јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, во заграда, албанскиот јазик. За жал, ние како албанска опозиција останавме сами – вели Села.

Плусинфо веќе објави дека за законот за државјанство камен на сопнување ќе биде барањето на Алијанса и Алтернатива за познавање само на албанскиот јазик. Од власта и тогаш беа на позицијата дека тоа е противуставно, односно дека албанскиот јазик не е службен на целата територија на Македонија.

По изјавата на Села за „Клан дебата“ прашањето е дали на таа одредба тој и Гаши инсистираат за политички да поентираат на сметка на албанските партнери на Заев, Али Ахмети, Билал Касами и Мендух Тачи, ако поради непознавањето на македонскиот јазик од 2.700 граѓани кои аплицирале за македонско државјанство само 6 се одбиени.

Поврзани содржини