„Јанезите” „плашат мечка со решето”: „Шешир накриви-лакше се живи”!?

Вечерните соништа за големи држави, како по правило, наутро завршуваат во кошмарот на малите пашалуци!

2,230

Со внимание ја прочитав вчерашната колумна на професорот Денко Малески, насловена: „Студен ветер на војната од Словенија“. Освен насловот (веројатно поради коњуктура) нема ништо страшно и загрижувачко, нема причини за возбуда, најмалку за загриженост. И самиот Малески на крајот поентира: „менување на граници на Балканот е толку опасно по мирот во Европа што прво треба да се распоредат трупи на терен кои ќе спречат етничките заедници да се нафрлат едни на другите како толку пати досега во историјата”.

Идејата за „докрајчување” на поранешната заедничка ЈУГА не е нова, и не е специјалитет само на „Јанезите од дежелата”. На Словенците ова им остана како „опис и попис”, од времето на „братството и единството од Јесенице до Гевгелија!”.






Кај нас веќе трча втората генерација, по распадот, те малку појаснување:на Словенците им е во генот да експериментираат на туѓ грб и на туѓа сметка. Од Едвар Кардељ до Јанез Јанша.
Идеологот на Ј.Б.Тито Едвард Кардељ (моите соселани велеа –Едвард Крадел!), пишуваше устави и закони, црташе работничко самоуправување – „од ОЗТ до клозете!”, ама тоа да се применува кај нас – на Југот („што јужније, то тужније!”).

Во наше, младешко – југословенско време, постоеше едно општо прашање: „како, тоа, да имаме пријатели Срби, Црногорци, Хрвати, Албанци, Босанци, ама не и Словенци, па дури ниту во ЈНА!?“
Но, нејсе: во нон-пејперот на Јанез Јанша и во идејата на Борут Пахор, соопштена во Сараево, нема ништо повеќе од обид, на Европа, под словенечкото претседавање, да и се понуди – НИШТО, во заменас на отсуство – на БИЛО ШТО!?

„Јанезите”(синоним за Словенец) „плашат мечка со решето”! Затоа: „шешир накриви-лакше се живи !?“
Не дека низ европските коридори не кружи баучот на национализмот. Ниту, пак, Јанша е оригинален и единствен. Тој само го кажува она, од што се воздржуваат Орбан, Борисов, Додик, Бериша, новиот косовски премиер, новите преуредувачи на Црна Гора. Се до мостарскиот хрватски вермож Драган Човиќ, се до нашиот драг Вучиќ и некои наши, овдешни запалени глави од албанскиот политички корпус.

Но таа работа повеќе не ја бива. Не ја биваше и пред добата на српскиот вожд Милошевиќ, ама тој се обиде да ја наврти водата – низводно! Имаше еден умен Србин, архитект по вокација, градоначалник на Белград, Богдан Богдановиќ – господинот со жолтиот шал околу вратот. Уште тогаш му порача на вождот: „ Ќе ја сведеш Србија на Белградскиот пашалук, од времето на Османлиите!”.

Вечерните соништа за големи држави, како по правило, наутро завршуваат во кошмарот на малите пашалуци! Сеедно што Борисов сонува за Санстефанска Бугарија (си ја чува Македонија за себе – надвор од ЕУ), сеедно што Сали Бериша се користи со синонимот: „единствен културен простор”, а Вучиќ – „единствен јазичен простор”!!!.

Орбан јавно посакува делови од Хрватска и Романија, а Орбанистите и новите „урбанисти” на Европа – по нивна мерка, чекаат од заседа.

Џабе! Американците веќе обзнанија дека немаат повеќе војници за Косово и Голема Албанија. Кој мисли поинаку, го чека Хаг.Таму има резервирано место и за некои наши, притаени – нови „урбанисти”. Завршија делбите по етнички граници на Западен Балкан. Европа добро знае дека мечката многу брзо може да заигра и кај нив. Што не може Брисел, тука е и Вашнгтон.

Нема НОВ ПОЧЕТОК, нема Република Српска по мерак на Додик, освен како ентитет во БиХ, нема Босна – муслиманска држава во Европа, по меракот на Изетбеговиќ, нема Херцег Босна по меракот на Човиќ.
Десничарите се јаки дома, ама не и во Брисел. Зад таквите идеи стојат ригидни бивши комунисти, стои криминалот – во име на верата и нацијата.

Европа си ги изгоре прстите со приемот на Бугарија и Романија. Сега дува и на маштеницата. И долго ќе дува, ако брзо не се престрои, ако и натаму остава Унгарија, Бугарија, или Кипар, да ја урнисуваат идејата за обединета Европа. Стара Европа, мора да најде механизам – ветото на една членка – земја, да го испрати во историјата. Тогаш и на Јанша нема да му текне да пишува писма, кои и така, ќе завршат во некоја европска корпа, како што завршиле и многу други досега.

Јанша одсекогаш бил таков. Кој не го знае, скапо може да плати. Кој го знае, само ќе одмавне со главата. Ние постарите го знаеме од Вевчанскиот случај за водата, кога беше уредник на словенечка „Младина” и дојде овде, малку да се огребе од македонската пролет. Беше суден за украдени воени документи, како новинар, но и за украдени пари – како воен министер (случајот Патрија).
Ние што секојдневно известувавме од Вевчани, знаеме многу добро кој искрено им помагаше на вевчанци, а кој си ги ладеше ноџињата и ташаците во вевчанските извори!

Србите велат: „завади, па владај!” Во Црна Гора, на сцената излегоа „комитите” и „патриотите”, „автономашите”, новиот Закон за државјанство, го доживуваат како ново посрбување. Ќе видиме што ќе донесе оној на Села, овде, но сите што искрено ја посекуваат Европа, во најмала рака, треба да се однесуваат европски, а не балкански.Тука е во право Малески.

Во секој случај, на сите национални, или националистички лидери – кој како милува, од Јесенице до Гевгелија, и натаму до Хунзите и Химелаите (другарчето на Орбан – Николајчо!), треба да им биде јасно дека Европа почива на граѓански, а не на национални основи. Без тоа, нема Европа.

Нема и Нов Дејтон. Босна и Херцеговина е навистина нефункционална држава, но не поради Дејтон. Нефункционална е затоа што е криминална, затоа што е племенска, затоа што е феудална – заглибена во феудите на Додик, Изетбеговиќ, Човиќ, и затоа на Хрватите не им одговара Комшиќ, бидејќи тој размислува и говори по босански, а не по хрватски. Затоа во Загреб е „радије виѓен гост” Додик, а не Комшиќ!

Не е само БиХ нефункционална. Нефункционална е и Хрватска (погледајте ги секојдневните скечеви на Милановиќ и Пленковиќ! ), нефункционални се и Црна Гора и Македонија и „европска” Бугарија. Се додека послободно, од институциите на системот, функиционираат криминалот и корупцијата во највисоките ешалони (кај нас, најново, случајот Рашкоски) тие ќе бидат посистемски и од самиот систем!

Босна мора да расчисти со криминалот, корупцијата, со национализмот и националистичките лидери, со националните феуди, ако сака да профункционира како граѓанска и демократска држава. Дејтон не е виновен за распаднатиот здравствен систем во Босна и енормната смртност. Корушкиот Словенец од Клагенфурт Валентин Ицко, „одевен” во одората на висок мегународен претставник, наскоро заминува, на негово место доага Германец  „со сите нишани” – Кристијан Шмит.
Па да видиме: „ком опанци-ком обојци”!

Поврзани содржини