Судски совет: Ниту имало селекција, ниту некој интервенирал на листата за вакцинирање

Од Судскиот совет велат дека како што се пријавувале вработените, независно на кое работно место се наоѓаат, така списокот бил пратен до Министерството за здравство од каде што повратно преку елекронска пошта им бил испратен редоследот по кој ќе се одвива вакцинацијата. 

542

Судскиот совет вели дека ниту инервенирал во листата за вакцинација, ниту правел список според кој приоритет би имале само членови и вработени во Советот, претседатели на судови и судии, а ниту еден вработен во писарниците како што утрово обвини Здружението на судскатa администрација кое се пожали на дискриминација и јавно побара информација врз основа на кои критериуми Судскиот совет ги изработува листите за вакцинирање на вработени во судовите кои биле направени на 12 април.

Од Судскиот совет велат дека како што се пријавувале вработените, независно на кое работно место се наоѓаат, така списокот бил пратен до Министерството за здравство од каде што повратно преку елекронска пошта им бил испратен редоследот по кој ќе се одвива вакцинацијата.






– Ниту некој инервенирал, ниту некој правел список со приоритет при вакцинирањето – објаснуваат од Судскиот совет по обвинувањата на вработените во судската администрација.

Од Кривичниот суд, велат дека на листата што оттаму ја испратиле до Судскиот совет имало само име, презиме и матичен број на тие што се пријавиле за вакцинација и дека никој не правел било каква селекција според функцијата на пријавените.

– Од 350 вработени, за вакцинација се пријавија 140. На листата што ние ја пративме беа наведени име и презиме, матичен број на вработените, немаше наведено на кое рабоно место се пријавените,  списокот се правеше, како што се пријавуваа – велат од Кривичниот суд.

Здружението на судска администрација реагира дека на оваа листа се нашле само членови и вработени во Судскиот совет, претседатели на судови и судии, а дека целосно била изоставена судската администрација.Тие се жалат дека судските службеници работат во писарниците и канцелариите со повеќе свои колеги без можност да одржуваат, ниту минимум меѓусебно растојание со што, како што велат, во континуитет го загрозуваат своето и здравјето на своите семејства.

– Каде е тука правдата и правичноста која треба да биде темелна вредност на секој судски систем почнувајќи од сопствениот двор – реагираат судските службеници.

Министерот за здравство, Венко Филипче како што објавивме претходно, денеска побара трпение од сите вработени во критичната инфраструктура, напоменувајќи дека само дел од нив досега се вакцинирале, но оти како што ќе стигнуваат новите вакцини така ќе се прошири процесот на имунизација за сите вработени во тие сектори. На ред за вакцинирање чекаат вработените на патарините, во градскиот превоз и сите оние кои имаат секојдневен контакт со граѓаните.

Поврзани содржини