Линданот од дворот на ОХИС оди за Франција, а контамираната почва за Холандија
Процесот на деконтаминација на почвата треба да заврши до првата половина на следната година за малата депонија од која би се отстраниле првите количини од околу 700 тони контаминирана земја.
Почнува реализација на планот за ремедијација на загадената почва од двете депонии во дворот на некогашниот хемиски гигант ОХИС. Во двете депонии (малата и големата) во дворот на ОХИС се сместени илјадници тони токсичен линдан кои заедно заземаат околу 50.000 тони контаминирана почва. Се очекува малата депонија која е околу 10.000 тони, да биде санирана до почетокот на следната година, а големата депонија, чијшто размер е околу 40.000 тони и постојано се зголемува, периодот на чистење би траел значително подолго односно најмалку 5 години.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да издаде Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот.
Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако УНИДО, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности „Полиеко“ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во ОХИС.
Како што изјави денеска портпаролот на Владата, Душко Арсовски, почната е постапка за издавање на две дозволи за извоз на линданот и почвата под него.
– Извозот на линданот ќе се реализира во Франција, а на контамираната почва под линданот во Холандија – информира Арсовски.
Тој рече дека процесот на деконтаминација на почвата треба да заврши до првата половина на следната година за малата депонија од која би се отстраниле првите количини од околу 700 тони контаминирана земја, доколку биде можен извоз со оглед на здравствената криза.
Линданот во минатото се користел како пестицид во земјоделството. Но, со негово одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад кој е закопан во двете депонии.