Во акцијата на одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА освен марихуана во комбе, спакувана во 40 картонски кутии, како што објавивме претходно, пронајдено е и оружје.
При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели.
При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник. При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства,а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.