Заев не ги кани Села и Гаши, Собранието стоо
Во Македонија полесно може да се добие државјанство како наркодилер отколку како граѓанин кој е роден и живее тука. Заев и Спасовски беа против нашиот предлог закон за државјанство. Затоа јавно прашуваме со колку сведоци добиле државјанство 215 криминалци, вели потпретседателот на АА Елми Азири.
Лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши сѐ уште чекаат покана од премиерот Зоран Заев за средба на која двете страни ќе ги изнесат аргументите за Законот за државјанство и ќе се обидат да најдат решение за таканаречените фантоми.
Од АА-А велат дека доколку средбата не биде на лидерско ниво ќе нема ниту договор за државјанствата, а со тоа ќе продолжи и блокадата на Собранието каде е заглавен и петтиот пакет антикризни мерки.
Висок функционер од Владата вели средба за државјанствата деновиве ќе има, но не прецизира дали Заев ќе се сретне со Села и со Гаши.
Од Алијанса и Алтернатива сметаат дека Заев намерно тактизира и не закажува лидерска средба, туку се среќава со координаторите за да не се постигне решение за Законот за државјанство.
– Јасно е дека само лидерите на партиите може да донесат одлука дали ќе има договор за државјанствата или не. Тоа не може да се договори на пониско ниво. Преку средби со пратеници само се одолговлекува процесот, за да не се постигне договор – вели висок функционер од Алијанса за Албанците.
Од коалицијата АА-А велат дека по првата средба помеѓу Заев и министрите за правда и за внатрешни Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски со координаторот Скендер Реџепи, немаат никаков повратен одговор, ниту за предлозите кои тие ги ставиле на маса, ниту за понудата на решенија од власта.
Од коалицијата остануваат на ставот дека ако не се постигне договор за Законот за државјанства ќе продолжи блокадата на Собранието, односно дека тие нема да ги повлечат илјадниците амандмани на законите, меѓу кои и на петтиот пакет економски мерки.
Потпретседателот на Алијанса за Албанците ова го повтори и на денешната прес конференција.
– Во Македонија полесно може да се добие државјанство како наркодилер отколку како граѓанин кој е роден и живее тука. Заев и Спасовски беа против нашиот предлог закон за државјанство. Затоа јавно прашуваме со колку сведоци добиле државјанство 215 криминалци? Кои се поопасни за државата постарите лица од 70 и 80 години или криминалците? Јавно прашуваме дали ќе го прифатите нашиот предлог закон за државјанство – праша пратеникот и потпретседател на АА Елми Азири.
Како што веќе објавивме, за АА-А не е прифатлив предлогот на власта преку преодно решение да се реши проблемот со лицата без државјанство и тоа само за тие кои се во евиденцијата на МВР. Власта предложила измените на законот за државјанство да важат само одреден временски период, по тоа, повторно на сила да биде актуелниот Закон за државјанство.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рече дека ќе почека дали ќе има договор помеѓу Заев и Алијанса за Албанците и Алтернатива па ќе одлучат дали ќе ги повлечат амандманите на Законот за државјанство.
Нема информација кога и со каква понуда ќе оди Заев на средба со Села и со Гаши.