ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче тераа политичка агенда и дозволија вирусот да се прошири
Експертите и јавноста предупредуваа со недели наназад дека новиот бран и се заканува на Македонија, но нив мува не ги лазеше, се возеа со мотори и патуваа со хеликоптери, обвини партијата на Христијан Мицкоски.
Уште еднаш се покажа дека власта на Заев и Филипче абер немаат од стратегија за справување со ковид кризата. Пред пет дена скандалозно тврдеа дека нема ефект од нови мерки бидејќи вирусот е широко раширен. Ефектот од задоцнетите мерки се скоро 10.000 нови заболени и 300 починати, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Експертите и јавноста предупредуваа со недели наназад дека новиот бран и се заканува на Македонија, но нив мува не ги лазеше, се возеа со мотори и патуваа со хеликоптери. Поради политика Заев и Филипче дозволија вирусот масовно да се прошири од кој граѓаните да се заразуваат и умираат. Во овој период кога во црно се завија стотици семејства, тие организираа внатрепартиски избори со еден кандидат, правеа циркус во Собранието, правеа настани, подготвуваа попис и тераа инает со здравиот разум. Патем поради криминогени побуди и поради неспособност не набавија навреме вакцини за масовна имунизација на населението. Македонија е на дното по вакцинација и на врвот по смртност во светот. Но Филипче и Заев се оперирани од чест, срам и одговорност“, се вели во соопштението.