Од понеделник во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се вакцинираат по 3.000 лица со донацијата од Србија на 20 илјади вакцини „Спутник V “.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека пунктовите за вакцинација ќе работат 25 медицински сестри и 5 доктори и рече дека за кратко време ќе се зголемува бројката и дневно ќе се вакцинираат по 7.000 граѓани. Во салата ќе работат вработени од администрацијата во Министерството за здравство и во ИЈЗ, а здравствените работници кои ќе бидат ангажирани се од Центарот за јавно здравје – Скопје, ИЈЗ и од здравствената станица „Железара“.
Вакцинацијата ќе почне со вработените во критичката инфраструктура, како вработените во МВР, Армијата, новинари, службите во Град Скопје односно оние кои имаат голем број на контакти согласно карактеристиките на работното место, но и согласно возраста на лицата и евентуални коморбидитети и хронични болести.
„Процесот на вакцинација ширум пунктовите во државата се одвива добро. Вчера се вакцинирани околу 1 300 луѓе. За понеделник во салата ’Борис Трајковски‘ се закажани нешто помалку од 3 000 термини што значи дека во просек, за почеток ќе бидат вакцинирани околу 4 000 луѓе дневно ширум државата, а веруваме дека таа бројка за кратко време ќе достигне и 7 000. Такви се проекциите“,
Филипче денеска присуствуваше на настан во салата каде има симулација како ќе се одвива целиот процес на вакцинација. Таа ќе се одвива во две смени, а планирано е пунктовите да работат седум дена во неделата.
Министерот повика граѓаните масовно да се вакцинираат зошто тоа е единственото оружје за борба против вирусот.
– Како ќе доаѓаат следните количини на вакцина, рече тој, ќе се распоредуваат во системот. Во пунктовите ширум државата постепено ќе се намалува старосната граница за граѓаните кои ќе се вакцинираат, а во „Борис Трајковски“ ќе се одвива имунизацијата на вработените во институциите – рече Филипче.