Пратениците ја кинат последната сламка за спас на бизнисите и на вработените

Пратениците ги блокираат законите од петтиот пакет мерки, меѓу кои и оној за поддршка за плата, а бизнисите кои не исплатија плати добија опомени.

893

Искористување на последните резерви, кредити или неисплатување на платите и делење откази се последните опции кои им се на располагање на бизнисмените кои ги очекуваат ветените пари за исплата на февруарската плата. Тие бараат пратениците да не играат со нив во клучните моменти за опстанокот, бидејќи веќе добија опомени за неисплатена плата и придонеси од Управата за јавни приходи, а им следат казни и блокирање на сметките. Од УЈП, пак, велат дека како државен орган мора да ги почитуваат законите и затоа почнаа со опоменување на даночните обврзници, бидејќи законот за поддршка на платите сѐ уште не е донесен. Револтирани се и работниците кои остануваат без плата еден, а можеби и повеќе месеци.

Втор месец законите од петтиот пакет мерки се блокирани во Собранието со што и мерката поддршка за плата нема да може да стартува од договорениот термин – средина на март за исплата на февруарската плата. Дел од законите се однесуваат и на четвртиот пакет мерки кој го очекуваа бизнисите минатата година.






Организацијата на работодавачи веќе алармира дека бизнисмените ги трошат последните резерви и ќе почнат да ги отпуштаат работниците и можеби ќе почнат да ги затвораат бизнисите, ако помошта од државата не стигне на време.

– Буџетите на бизнисите кои се најпогодени од пандемијата и се затворени скоро цела година, како и оние од трудоинтензивните дејности веќе ги потрошија финансиските резерви, а достапноста до свежи пари за нив е веќе ограничена. Единствена опција за нив е да ги намалат трошоците кои се најголеми за плати така што може да се случи и отпуштање од работа во дел од секторите. Значи состојбата е алармантна, а нашите пратеници се надмудруваат и си водат политики – изјави претседателот на Оранизацијата на работодавачи Ангел Димитров.

Од туристичкиот сектор којшто е еден од најпогодените од пандемијата со ковид-19 велат дека дел од нив не можат да исплатат плата.

– Дел од туристичките агенции кои веќе ги истрошија резервите, но и сите други ги очекуваа и планираа тие пари за покривање на трошокот за исплата на плати. Сега повеќето доцнат со платата или во очекување на парите се задолжуваат за да ја исплатат оваа плата, а не знаат како ќе ја покријат наредната. Поголем дел пак се соочуваат со неможност да ја исплатат платата. Состојбата е тешка и очекуваме пратениците да најдат начин со несуштински прашања да не го спречуваат донесувањето на законот за поддршка на плати. Во овој момент е најважно решавањето на здравствената криза и преживувањето на бизнисите, а потоа и другите прашања ќе дојдат на ред – вели Андреј Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“.

Според него, и задоцнето донесување на законите од петтиот пакет мерки на владата ќе биде во прилог на бизнисите зашто тие веќе ги планираат натамошните чекори врз основа на ветените мерки.

Слична е состојбата и во угостителството и хотелиерството каде што им се заканува ново затворање поради можноста од подолг полициски час.

Дел од бизнисите кои не исплатија плата во законскиот рок ги добија или ги чекаат опомените од Управата за јавни приходи, а потоа ги чекаат и инспекторите за труд и можеби ги чека и блокирање на сметките во банките.

Од Управата за јавни приходи велат дека како орган на државна управа е должна да се грижи за редовната наплата на сите видови даноци и други јавни давачки и да го почитува начелото на еднаков третман на сите должници со почитување и примена на законите.

– УЈП при своето постапување мора да се придржува и да ги почитува постоечките законските одредби и во услови кога Законот за субвенционирање на плати за февруари сè уште не е донесен. Следејќи ја наплатата на сите видови даноци, како и обврската за исплата на бруто плата (долг по основ на месечна пресметка за интегрирана наплата) во законските рокови, ги презема сите мерки за нивна наплата со еднаков третман и пристап кон сите работодавачи кои не ја исполниле својата законска обврска. Во тие рамки, Управата за јавни приходи започна со опоменување на даночните обврзници за неплатен долг по основ на месечна пресметка за интегрирана наплата за февруари 2021 година за кој крајниот рок за исплата беше 15 март 2021 година. Казнените мерки за неисплатена плата според Законот за работни односи ги спроведува Државниот инспекторат за труд – велат од УЈП.

Вработените, пак, кои ја чекаат платата велат дека пратениците ги гледаат само партиските агенди и не ги интересира дали тие ќе преживеат овој месец.

– Ваквото однесување на патениците говори дека тие не разбираат дека сме во сериозна криза па некој од нив дури велат дека можеме да издржиме без плата неколку месеци. Нека се обидат да живеат еден месец без никакви приходи како нас работниците, можеби тогаш ќе знааат што значи да живееш само од плата и да не добиеш плата. Со плата од 1.000 евра и дополнителни приходи тие не знаат што е живот со 200 евра и преживување од први до први. Најверојатно мислат дека државата ќе има кој да им ја полни ако почнат да се затвораат бизнисите кои го полнат буџетот од кој земаат плата, но како тргнала работат сѐ помалку ќе има и за нив – вели вработен во туристичка агенција.

Поврзани содржини