И по Заев – Заев!
За волја на вистината, не дека Заев личи или има нешто многу заедничко со Тито, ама по една работа мора да му се „симне капа“ и да му се признае дека, ако не над, богами, ќе биде тука некаде, рамо до рамо со Маршалот.
Пред некое време, некаде по порталиве, прочитав како еден од овие младиве „скоевци“ што се на високи функции, ми се чини дека беше овој од Агенцијава за млади и спорт, како „вистински“ пророк, кажа дека како нему што му раскажувале родителите за величието на другарот Тито, така и тие, сега млади, кога ќе остареле, ќе им раскажувале на своите деца и внуци за „подвизите“ на другарот Заев.
И, да не веруваш, ама, како тргнало, кон таму оди работава. По се изгледа дека оној историски слоган: „И ПО ТИТО – ТИТО!“, многу брзо ќе го замениме со: „И ПО ЗАЕВ – ЗАЕВ!“
За волја на вистината, не дека Заев личи или има нешто многу заедничко со Тито, ама по една работа мора да му се „симне капа“ и да му се признае дека, ако не над, богами, ќе биде тука некаде, рамо до рамо со Маршалот:
На 11-ти ноември 1945 година Тито ги организира првите и последни „демократски“ избори во тогашна Демократска Федеративна Југославија.
Неколку месеци пред изборите, ОЗНА си ја заврши работата. Освен листата на Народниот фронт на Југославија, ниту една друга партија немаше свои изборни листи. Но, за да биде „демократски“, иако имаше само една изборна листа, предводена од другарот Тито, на гласачките места имаше две гласачки кутии: една за „Тита и Партију“ и другата безимена, односно „Слепа кутија“. Првата обложена со кадифе, а другата „голи“ штици.
Се гласало со куглици. Секој глас во „Слепата кутија“ „одекнувал“ како гром во планински дол. Тоа значело уште еден „народен непријател“. ОЗНА запишувала.
На 21-ви март 2021 година Заев ги организира првите внатрепартиски „врвнодемократски“ избори во СДСМ.
Не пред неколку месеци, Заев својата работа за овие внатрепартиски избори си ја заврши пред точно осум години. Тогаш кога, како своја прва партиска активност од позиција на претседател на СДСМ, направи неколку „тектонски“ и несоцијалдемократски измени на Статутот на Партијата:
Првата и најзначајната беше суспензијата на делегатскиот принцип на избор на членови во органите на Партијата. Место партиската база, Заев си го зеде правото да ги поставува претседателите на општинските организации, а ним, пак, им го даде правото да ги составуваат општинските извршни одбори;
Втората, и не помалку значајна, беше и рапидното зголемување на бројот на членови во Централниот одбор. Место дотогашните деведесет, ЦО беше „појачан“ со, „идеолошки добро потковани“ , нови триесет членови.
И, секако, покрај промената на Статутот, беше направена и една „мала кадровска ситница“. Сите до еден, буквално сите до еден, кои имаа различно мислење и се спротиставија на измените на Статутот, беа „фино и елегантно“ елиминирани од партиските органи.
11-ти ноември 1945 –та: Една изборна листа, две гласачки кутии:
21-ви март 2021-ва: Еден кандидат, една кутија, ама две можности – „за“ и „против“.
Резултатите од 1945-та и резултатите од 2021-ва се скоро идентични. И тогаш и сега излезноста е 90%. Безимената опозиција во 1945- та не освои ниту еден мандат, а безимениот противкандидат во 2021-ва е на ниво на статистичка грешка.
Во Програмата на старо-новиот претседател на СДСМ читам дека еден од нејзините „потпорни столбови“ е охрабрувањето на различното мислење и прифаќањето на туѓите ставови. Искрено да ви кажам, ова некако ми личи на тропањето на куглиците во „Слепата кутија“. Се ми се чини дека секое различно мислење „уредно“ ќе биде запишано, а „мислителите“ ќе поминат како оние што не се соглсуваа со измените на Статутот во 2013-та година.
Исто така, деновиве слушам дека, согласно Преспанскиот договор, на следниот Конгрес ќе се менувало и името на Партијата. Една од опциите била: Социјалдемократи на Северна Македонија.
Почитувани поранешни другари, доста е со онаа Прличевата: „Лицем светци, срцем в’лци“. Зборовите социјалдемократски или социјалдемократи, кои, пред се, значат солидарност и еднаквост, тргнете ги од името на вашата нова партија! Луѓе кои во време на елементарна катастрофа, кога секојдневно умираат десетици недолжни граѓани, одат на одмор во Занзибар, Мексико, Дубаи, никогаш не можат да бидат социјалдемократи.
КОЛКУ ШТО МОЖАТ ОД ДАБОВИ ДРВА ДА СЕ НАПРАВАТ СВИРЧИЊА, ТОЛКУ ОД КЛИЕНТЕЛИСТИ И КЛЕПТОКРАТИ МОЖАТ ДА БИДАТ СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИ!