Секој нема интелектуален капацитет да се самопопише, затоа немаме електронски попис и дома
Податоците за етничката припадност на граѓаните ги немаме во ниту еден регистар, а тоа игра клучна улога поради што ние не можеме во моментов да го промениме методот за спроведување на пописот, вели директорот на ДЗС, Апостол Симовски.
Во моментов немаме услови да спроведеме електронски попис во земјата, односно попис од регистри, но напорно работиме на тоа да ги обезбедиме потребните услови и таквиот метод да го спроведеме на следниот попис кој би требало да се одржи за 10 години. Ова за Плусинфо го изјави директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, одговарајќи на прашањето зошто и на резидентното население во земјава не му се овозможи електронски да се попише како што тоа веќе го сторија дел од македонските иселеници и на тој начин да прекинат сите препукувања околу безбедноста по здравјето на попишаните и на попишувачите.
Симовски објаснува дека има голема разлика помеѓу самопопишување и попис од регистри, а како што наведува, самопопишувањето не може целосно да се спроведе во земјава, бидејќи не сите луѓе имаат пристап до интернет, компјутери, а и не сите имаат интелектуален капацитет за да се самопопишат.
– Ние би биле пресреќни доколку имаме можност да правиме попис од регистри, но треба да се знае дека таквиот метод е различен од самопопишувањето. Ние во моментов не можеме да правиме попис од регистри како што тоа го прават Данска, Норвешка, Холандија или Словенија, но работиме на тоа да ги обезбедиме потребните услови и за десетина години да им се придружиме на овие земји. Проблемот е во тоа што ние немаме адресен регистар, а во пописот се тргнува од адресата, бидејќи населението се лоцира во просторот. Вториот момент е тоа што тој сервис се работи во Агенцијата за катастар, но не е имплементиран на терен. Тоа значи дека не сите објекти се обележани со адреси, односно со бројчиња. Дури и тоа да се направи, потребно ќе биде време за луѓето да ги сменат своите лични документи со новите адреси коишто ги добиле, оти во денешно време има илјадници домови кои се водат без број. Целиот тој процес би траел најмалку 10 години – вели Симовски.
Уште една работа која нè кочи, додава тој, е тоа што кај нас се инсистира да постои прашање за етничка припадност на граѓаните.
– Податоците за етничката припадност на граѓаните ги немаме во ниту еден регистар, а тоа игра клучна улога поради што ние не можеме во моментов да го промениме методот за спроведување на пописот. Од друга страна, пак, доколку наскоро успееме да го направиме тоа, тогаш навистина ќе видиме големи придобивки. Прво, на тој начин се овозможува сите бази да функционираат и процесот автоматски станува многу лесен, секако, доколку ги имаме постигнато сите стандарди. Второ, за спроведување попис со овој метод нема да биде потребен ниту еден денар влог. Трето, кога би добиле можност за таков попис, најмногу тројца луѓе би ја спроведувале целата операција. Исто така, добивате резултати на дневна основа, кога вие сакате. Нашиот план и нашата цел е следниот попис да го спроведеме преку регистри. Најпрво да ги поставиме стандардите, да направиме статистички регистар и голема е веројатноста дека за 10 години ќе бидеме во можност да дејстуваме на тој начин. Засега само 11 земји од ЕУ ќе прават таков попис годинава – објаснува Симовски.
Во однос на попишувањето на дијаспората, тој посочува дека е прилично задоволен од одѕивот.
– Минатата недела имавме еден мал пад на самопопишувањето, меѓутоа викендов операцијата тргна прилично интензивно и досега се попишани околу 68.000 лица. Тоа е одличен резултат, а до 21 април има уште многу време за да порасне бројката – рече Симовски.
Во поглед на стравот од ширењето на заразата со ковид-19 на претстојниот попис, тој потенцираше дека попишувачите ќе бидат принудени максимално да ги следат строгите протоколи и дека во никој случај нема да смеат да ја симнат заштитната маска од лицето дури и доколку членовите на домаќинството го побараат тоа од нив.
– Имаме протоколи за сите можни ситуации. Ако се влошува ситуацијата, тогаш ќе добиеме нови протоколи, но нема да ги менуваме протоколите доколку ситуацијата со коронавирусот почне да се стабилизира. Во протоколите е јасно наведено дека попишувачот не смее во ниту еден случај да ја симне заштитната маска од лицето, а ако некој го стори тоа, односно доколку некое домаќинство пријави дека попишувачот ја симнал маската од лицето, тогаш тој веднаш ќе добие црвен картон – објасни Симовски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано бара одложување на пописот поради опасност од ширење на коронавирусот, но како што тврди директорот на ДЗС, единствена која може да предложи одложување или презакажување на пописот поради ковидот е Комисијата за заразни болести.
– Ако епидемиолозите оценат дека ситуацијата е таква што не може да се контролира, тогаш треба да дадат препорака до Владата да се донесе одлука за одложување на пописот – рече Симовски.
Статистичката операција треба да почне на 1 април и да трае до 21 април годинава.