Армијата доби донација од пушки за кои ќе треба да увезува муниција
Македонската армија речиси 18 години ги користи српските пушки „М21“ и околу 12 години пушките „М4“ кои користат муниција со калибар 5,56 мм.
Во почетокот на овој месец Министерството за одбрана и Армијата добија донација од 1.200 пушки од марката „М4 – Колт“ кои користат боева муниција 5,56 мм, а која во моментов не се произведува кај нас, па поради тоа таа ќе мора да се увезува откако ќе се потроши и донираната муниција за нив.
Бидејќи станува збор за солидна количина пушки и муниција која се користи за нив, прашавме во Министерството за одбрана од каде и како ќе се набавува муниција, колку чини набавката на годишно ниво, поради тоа што користат калибар 5,56 мм, а таква муниција не се произведува кај нас, затоа што единствената фабрика за муниција во земјава, во Самоков, произведува пиштолска муниција од 9 мм.
– Воено-финансиската соработка и поддршка од страна на нашиот стратешки партнер САД е од исклучително значење во поддршка на развојот на капацитетите и способностите на Армијата на Република Северна Македонија, пред сѐ, во делот на опремувањето и модернизацијата на одбраната. Таков е и проектот на МО и САД „Конверзија на калибарот во 5,56 мм“ кој, покрај наведените/примените пушки М4, опфаќа опрема, вооружување, како и боева муниција 5,56 мм за обезбедување на борбени комплети за вооружувањето. Попрецизно, за добиените пушки М-4 кои беа презентирани на 01.03.2021 година, добиена е и соодветна количина боева муниција според стандардите за следување за секое парче оружје, a покрај тоа добиени се и резервни делови за нив според принципот „Whole package approach“. Оваа муниција е примена од страна на МО и Армијата во 2020 година – велат од Министерството за одбрана.
Македонската армија речиси 18 години ги користи српските пушки „М21“ и околу 12 години пушките „М4“ кои го користат токму овој калибар 5,56 мм, но таква муниција кај нас не се произведува и таа се набавува преку увоз.
– Потребното количество муниција се обезбедува согласно Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста преку постапка со преговарање преку објавување оглас, а врз основа на претходно изготвен годишен План за јавни набавки во одбраната и безбедноста (кој е јавно достапен на веб страницата на Министерството за одбрана) во кои спаѓа и вооружувањето и муницијата од најразличен вид и калибар (вклучително и муниција за извежбување – маневарска и минско експлозивни средства) за потребите на Армијата. Секоја извршена набавка на муниција за потребите на Армијата се изготвува врз основа на искажаните потреби на единиците и планираните вежбовни активности на годишно ниво, како и запазување на потребните стандарди за потребна количина муниција кое треба да ја има за секој вид вооружување. Количината која се употребува на годишно ниво е варијабилна и зависи пред сѐ од динамиката на планираните вежбовни активности – велат од Министерството.
Според Годишниот план за јавни набавки во одбраната и безбедноста во минатата година за муницијата од најразличен вид и калибар (вклучително и муниција за извежбување – маневарска и минско експлозивни средства) биле предвидени 56.874.484 милиони денари, по ребалансот на буџетот кон средината на годината оваа намена е предвидено да се потрошат 10.720.339 денари и се склучени договори во тој износ.
Со цел намалување на трошоците и започнување производство кај нас за ваков вид муниција, прашавме во Министерството дали се размислува за производство на ваква муниција, а оттаму ни одговорија дека со оглед на тоа што Министерството за одбрана и Армијата се краен корисник на муницијата и не поседуваат производствени капацитети, муницијата се набавува во согласност со Законот за јавни набавки во одбраната и безбедностa.