Епидемиолози: Полицискиот час е компромис, ни фали вакцинација на сите со ред!
Цело време одиме по работ на ножот, прво да го зашитиме здравјето на граѓаните, а нема здравје, ако нема економија. Така е насекаде во светот и затоа има и протести и спротивставување на мерките, има силен притисок, но сметам дека со овој полициски час може да се постигнат подобри ефекти, вели д-р Стојанов кој смета дека најдобра опција би било кога би имало доволно вакцини за сите и да се направи комбинација на рестриктивни мерки и сеопфатна вакцинација.
Предлогот на Комисијата за заразни болести за воведување полициски час на територијата на целата држава кој ќе почнува од 22 часот навечер до 5 часот наутро што го достави министерот за здравство Венко Филипче утринава до Главниот кризен штаб на владата се очекува да биде прва брана кон британскиот сој на вирусот кој забрзано се шири во земјава. Ограничувањето на движењето во ноќните часови ќе даде ефекти, велат епидемиолозите, но сепак сметаат дека гарантиран успех на полициската битка со коронавирусот може да има само ако рестрикциите се одвиваат истовремено со вакцинација на целото население, што е невозможна мисија.
Предложениот полициски час не е лоша солуција, ќе даде подобар резултат и во бројката на новозаразени и хоспитализирани, смета епидемиологот д-р Александар Стојанов. Тој објаснува дека со полицискиот час е направен компромис помеѓу здравјето и економијата и дека во такви услови не може да имаме големи очекувања, но сепак бројките на заразени и на пациентите во болниците се очекува да паѓаат.
– Цело време одиме по работ на ножот, прво да го зашитиме здравјето на граѓаните, а нема здравје, ако нема економија. Така е насекаде во светот и затоа има и протести и спротивставување на мерките, има силен притисок, но сметам дека со овој полициски час може да се постигнат подобри ефекти – вели д-р Стојанов кој смета дека најдобра опција би било кога би имало доволно вакцини за сите и да се направи комбинација на рестриктивни мерки и сеопфатна вакцинација.
– Со тоа што немаме доволно вакцини ние му даваме на вирусот време да мутира, секое живо суштество во природата кога се бори за живот наоѓа начини како да преживее, така и вурусот, тој мутира, да се надеваме дека тие мутации во иднина ќе бидат помалку опасни и помалку заразни. Кога би имале доволно вакцини и кога би се спровела вакцинација на целото население со ред, наместо како сега, тоа заедно со рестриктивните мерки би имало навистина добар резултат – вели д-р Стојанов.
Како поткрепа на ова, тој го наведува примерот во Србија, каде што и покрај големиот број вакцинирани опасноста не исчезна, а заразата не стагнира.
– Србија има околу 1,5 милиони вакцинирани на седум милиони жители. За да има успех треба тие бројки на вакцинирани да се многу поголеми. Ако имате болни, со температура и со сите други симптоми не смеете да ги вакцинирате, а заразата се шири – објаснува д-р Стојанов зошто е потребна масовна вакцинација.
Според д-р Никола Пановски, подобро е полицискиот час да почнува порано, наместо во 22 часот, но тој во изјава за Плусинфо истакнува дека од економски причини, не се воведуваат построги мерки.
– Некаков ефект ќе има пред се средношколците нема да се враќаат наутро, па да дремат на компјутер, а и за ширење на болеста исто така. Подобро е да е од порано, ама од економски причини не се носат поригорозни мерки – вели д-р Пановски.
Предлогот за полицискиот час од 22 до 5 наутро, Владата треба да го разгледа на утрешната седница и ако го прифати ќе стапи на сила веднаш, односно утре од 22 часот и ќе трае најмалку две недели.
Д-р Арбен Зибери смета дека полицискиот час значително ќе влијае врз намалувањето на бројот на заразени и хоспитализирани, а како пример го наведува искуството со Косово, каде што, по два месеца, полицискиот час доведе до пад на бројката на заболени.
– Сигурно се направени анализи со сите релевантни фактори кои можат да препорачаат најсоодветен термин за полициски час – вели д-р Зибери.
Но, дали е потребно поместување за еден до два часа на полицискиот час, така што наместо од 22 до 5 наутро, да почнува од 18 часот, со оглед на тоа што кафулињата и други угостителски објекти почнуваат да се полнат во попладневните часови, д-р Зибери вели дека тоа би можело да биде добра опција, кога би немало притисок од угостителските дејности.
– Факт е дека кафулињата се полни и дека младите се преносители, го пренесуваат вирусот на повозрасните кои потоа се принудени да одат на болничко лекување, а државата нема да може да го издржи тој наплив на хоспитализирани пациенти, ако продолжат да растат бројките. Токму затоа Комисијата за заразни болести го препорачува терминот од 22 часот, затоа што имаат сознанија дека младите по затворање на угостителските објекти продолжуваат со домашни забави или на други места – вели д-р Зибери.
Откако почна пандемијата, потсетува д-р Зибери постојана е дилемата да се избира меѓу притисокот на угостителите, кои имаат свои барања пред министрите кои се задолжени за економските прашања и потребата да се ограничи движењето за да се намали преносот на висрусот, посебно на британскиот сој.
– Верувам дека Комисијата за заразни болести ги има согледано сите аспекти и дека полицискиот час ќе го намали бројот на заразени. Тоа го покажува искуството, позитивен е примерот со Косово. Мислам дека од април кога ќе се отворат терасите на угостителските објекти, кога луѓето ќе бидат повеќе надвор ќе немаме толку заразени и толку проблеми со ковид-19 – оптимист е д-р Зибери.
Последните податоци велат дека расте бројка на пациенти позитивни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективно во Скопје и во болниците низ земјава. Вкупно има 860 пациенти и околу 350 празни болнички кревети во ковид центрите. Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 17 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а вкупно се лекуваат 343.