Филипче разочаран од слабиот одѕив за вакцинирање во Гостиварско
На новинарско прашање што со оние граѓани што не сакаат да се вакцинираат, Филипче потенцира дека со интензивна комуникација преку матичните лекари, преку кампањата која што следи треба да се подигне свеста.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска ги повика матичните лекари од Гостивар и од регионот да ги пријават граѓаните над 70 години со хронични болести за вакцинирање, зашто досега одѕивот бил мошне слаб.
– Сакам да потенцирам уште една работа и да упатам апел до регионот. Од Гостивар преку сајтот и преку матичните лекари се пријавени навистина малку граѓани во онаа прва категорија над 70 години околу 1.500 граѓани. Прво апелирам матичните лекари од Гостивар и од регионот да ги пријавуваат граѓаните над 70 години со хронични болести за првата следна приоритетна група и да ги внесуваат податоците во системот Мој термин зашто тие ќе бидат вакцинирани веднаш после лекарите и медицинските сестри од Гостивар. Огромен процент, ми се чини практично сите лекари и сестри коишто работат со ковид пациенти се веќе вакцинирани – рече Филипче.
На новинарско прашање што со оние граѓани што не сакаат да се вакцинираат, Филипче потенцира дека со интензивна комуникација преку матичните лекари, преку кампањата која што следи треба да се подигне свеста.
– Тоа е единствениот начин со кој што ние ќе ја смениме сликата за пандемијата. Во овој момент ситуацијата во Гостивар е навистина стабилна, по десетина хоспитализирани пациенти. Меѓутоа, тоа не е знак дека граѓаните сега треба да се опуштат и да не се носат маските или да не се држи дистанца поради тоа што гледаме какви зголемувања на бројките има во некои други градови. Кавадарци, Прилеп и Охрид сега се навистина со зголемен број дијагностицирани, но и хоспитализирани пациенти. Така што се надевам дека граѓаните ќе се придржуваат до мерките посебно сега кога има зголемен број дијагностицирани пациенти со британската варијанта на вирусот којашто многу полесно се пренесува поради тоа што тоа се мерките до коишто и понатаму ќе мора сите да се придржуваме – изјави Филипче.
Тој изрази уверување дека во следните неколку дена ќе може точно да каже кога ќе пристигнат кинеските и руските вакцини против ковид-19.
– Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен, тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат. Еве се пролонгираше малку периодот. Очекувам навистина сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од „Фајзер“ за којшто го очекуваме драфт договорот. Со руската компанија интензивно разговараме сега овие денови после поптишувањето на договорот и секако со кинеската – додаде министерот Филипче, кој денеска беше во посета на гостиварската болница каде е пуштен во употреба модуларниот ковид центар.
Во ковид центарот во Гостивар сега има 35 кревети и целосно е опремен со медицинска опрема. Треба да пристигне и најсовремениот рентген апарат и ЕХО апаратот со сите потребни сонди за преглед, со што овој центар ќе стане соодветен за третман на сите ковид пациенти.
Гостиварската болница опслужува 200.000 жители, кои гравитираат од општината Гостивар и од Маврово-Ростуше, Дебар, Врапчиште итн.
-Болницата е позната по својата експертиза. Целосно се реновирани операционите сали, хируршкото одделение, а следува и реновирање на интерното одделение. Оваа година после многу години за првпат болницата во Гостивар ќе добие магнетна резонанца. И тоа значи дека сите овие жители кои имаат потреба од таа услуга повеќе нема да патуваат во Скопје, туку тука ќе ги прават тие снимки – рече Филипче.