Тито Петковски: Етничка легитимација!
Во безпоштедната битка за власт, моќ и богатство и во докажувањето кој е поголем националист и бранител на „својата” заедница, лидерите на големите политички партии, честопати се претставуваат и дејствуваат како племенски старешини или поглавици на различни племиња.
Предлогот на закон, со кој се предвидува можност во личната карта да стои и етничката припадност, оправдано наметна многу дилеми и силна дебата. Самата идеја и периодот во кој се родила, уште еднаш го потврди раширеното уверување дека, Македонија сѐ уште нема, ниту интелектуална, ниту политичка елита способна да одговори на предизвиците на времето, потребите на граѓаните и долгорочните интереси на државата. Елита, способна да проектира и да изведе големи позитивни промени. Нашата елита е, или во интелектуална кома или во политичка корупција.
Со јакнењето на „етничкиот”, наместо граѓанскиот суверенитет, се доведува во прашање демократскиот карактер на државната власт. Отстапувајќи од Уствот, кој предвидува изградба на општество на рамноправни граѓани, нашето општество повеќе добива особини на еден конгломерат на етнички колективитети кои, повеќе водат грижа за сопствените потреби и специфики, отколку за заедничките интереси на македонското општество.
Мобилизацијата на етничка основа стана многу посилна отколку социјалната или класна идентификација.
Луѓето многу повеќе, ако не и исклучиво продолжија да се групираат според својата етничка припадност. Социјалниот статус, како работници, сиромашни, богати или средна класа, полека исчезнува од јавната сцена. Спротивно од природните законитости, според кои, човекот, по правило се раѓа како човек, а сосема случајно станува припадник на определена нација или етничка заедница.
Човекот, како граѓанин, со сите свои способности и лични квалитети, права и обврски, неспоредливо помалку е податлив за мобилизација и манипулација отколку припадникот на етничка заедница како дел од една аморфна маса. Препознавајќи ја таа особина кај нашиот човек, големите политички партии, брзо се приспособија на политичкиот пазар и на избирачите им го нудат, она што тие го бараат.
Етничкото, доби предност, пред сѐ затоа што е политичко. Таквиот пристап создава услови за рамноправност на етнички заедници, а не на граѓани.Во такви услови, граѓанскиот суверенитет неминовно ќе се остварува како структура на етничките колективитети.
Светските искуства за создавање политичка нација, како збирна категорија на сите граѓани, без оглед на етничката припадност се чини, Македонија дефинитивно ги напушта. Не успеа да обедини свест што ќе ги мотивира граѓаните да создаваат заедничка интегративна визија. Не изгради преовладувачка свестс за потребата од интеграција во македонското општество без асимилација на помалите етнички заедници.
Во безпоштедната битка за власт, моќ и богатство и во докажувањето кој е поголем националист и бранител на „својата” заедница, лидерите на големите политички партии, честопати се претставуваат и дејствуваат како племенски старешини или поглавици на различни племиња.Човекот поединец, како граѓанин изгуби секакво значење. Во тој пораз на човекот како граѓанин, во Македонија е поразена и идејата за стабилна, демократска и просперитетна држава, како татковина на припадниците на сите етнички заедници.
Да не заборавиме дека според нашиот Устав, суверенитетот произлегува и им припаѓа на граѓаните. Наша обврска е да го ставиме човекот во центарот на општествените збиднувања, без оглед на неговата етничка, верска или било каква друга определба.