Почна имунизацијата во Македонија, вакцината против ковид-19 прва ја прими здравствена работничка од Инфективна (ВИДЕО)

752

Во модуларната болница во Скопје започна процесот на имунизација против ковид-19 во земјава. Вакцината прва ја прими здравствена работничка од Инфективната клиника.

Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кој ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.






За денеска е предвидено вакцинирање на 260 здравствени работници, од вкупно 4.000-те пријавени за вакцинација. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

За сега планот е вакцинацијата да се одвива во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот очекува за период од една недела до најмногу 10 дена да се вакцинираат сите здравствени работници.

– Планот е вакцинацијата да се одвива тука во Скопје, поради тоа што овој персонал е трениран и едуциран за оваа вакцинација, сега интензивно во овие изминати денови и вработените во ковид-центрите во другите болници во текот на викентот и почетокот на следната недела, кога доаѓа распоредот, ќе доаѓаат тука. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава – изјави Филипче во одговор на прашање, по почетокот на вакцинацијата во Модуларната болница.

Тој додаде дека капацитетот на пунктот на шест работни места е максимум 500 лица на ден, но како што рече, ќе започнат со вакцинирање на 300 до 350 лица.

– Капацитет на овој пункт овде на шест работни места е максимум 500 на ден, ние ќе започнеме со распоред од 300 до 350, така што очекувам за период до близу една недела до најмногу 10 дена ќе се вакцинираат сите здравствени работници, а во меѓувреме ќе стигнат и тие дополнителни дози од Белград – додаде Филипче.

Поврзани содржини