ВМРО-ДПМНЕ ќе собира 10.000 потписи за да го спречи пописот во април
По седницата на Централниот комитет кој ќе заседава вечерва, ВМРО-ДПМНЕ веќе од утре на пунктови, плоштади, пазари во градовите и во селата ќе почне да ги собира граѓанските потписи.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ нема да ја смени иницијативата и да ја адресира со „Република Северна Македонија“, туку веќе од утре на пунктови, плоштади, пазари во градовите и во селата ќе почне да ги собира граѓанските потписи и до претседателот на Собранието Талат Џафери директно ќе го предложи законот за поништување на пописот.
Џафери вчера ја врати граѓанската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за донесување на закон за престанок на важењето на Законот за попис бидејќи не била доставена до Собранието на Република Северна Македонија, туку до Собранието на Република Македонија и дека во правниот поредок не постои Закон за попис на населението, домаќинствата и становите на Република Македопнија.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за Плусинфо вели дека очекува вечерва на состанокот на Централниот комитет да донесат одлука за собирање граѓански потписи. Планот е собирањето на граѓански потписи да оди неофицијално, односно потпишувањето на граѓаните нема да оди преку подрачните единици на Министерството за правда, бидејќи Џафери ја вратил иницијативата.
– Законот за поништување на Законот за попис заедно со собраните граѓански потписи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесе до Собранието. Очекуваме владеачкото мнозинство да го прифати законот за престанување на важењето на Законот за попис кој ќе биде поткрепен со потписите на граѓаните – вели Мицевски.
Тој додава дека преку собраните потписи мнозинството ќе добие потврда дека граѓаните не сакаат политички попис, туку спроведување на попис како статистичка операција.
– Власта е збунета, не знае како да ја спроведе статистичката операција, а доказ за тоа е спротивставените ставови на директорот и на заменик директорот на Заводот за статистика за попишувањето на дијаспората. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека сѐ уште не знаеме што ќе се попишува и како. Средина на февруари е, а уште нема обучени попишувачи, не го знаеме прашалникот. Власта преку двојните потписи на директорот и на заменикот докажува дека немаат меѓусебна доверба и дека подготвуваат фалсификат попис – вели Мицевски.
Тој смета дека поради неорганизираноста и недовербата меѓу владините партнери, од власта има сигнали за одложување на пописот, ама дека не знаат како тоа да го изведат.
На состанокот на Централниот комитет на партијата ќе биде прецизирано кога и каде ќе почне собирањето на граѓански потписи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на Фејсбук обелодени дека Џафери им ја вратил иницијативата за одложување на пописот и порача дека „кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува“. Според Мицкоски, никој не победил народ. Тој порача дека ќе ги имаат потписите од пратениците и потписите на народот.
ВМРО-ДПМНЕ за да го достави законот за поништување на Законот за попис ќе треба да собере најмалку 10.000 граѓански потписи.
Според собранискиот Деловник, право да предлага донесување на закон има секој пратеник, Владата и најмалку 10.000 избирачи (овластени предлагачи). Иницијатива за донесување закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.