Поради вакцините земјите од Балкан се вртат кон исток, ЕУ го губи кредибилитетот
Светот го погоди глечер, исто како што му се случи на Титаник. Богатите и најбогатите се спасуваат себеси и оние што ги сакаат. Ние тонеме заедно со Титаник - вели Вучиќ.
Балканските земји се свртуваат кон кинески и руски вакцини, затоа што преку програмата „Ковакс“ досега не добиле ниту една доза од вакцините против ковид-19.
Во отсуство на вакцини произведени од западни компании, балканските држави се обидуваат да дојдат до оние произведени во Русија и Кина. Тоа се земји кои сакаат да станат членки на Европската унија и на НАТО, пишува „Фајненшл тајмс“.
Тој спомена дека Србија е меѓу земјите чијашто популација е вакцинирана и со руски и со кинески вакцини. Таа е една од европските земји каде има голем број вакцинирани во однос на бројот на жители.
– Светот го погоди глечер, исто како што му се случи на Титаник. Богатите и најбогатите се спасуваат себеси и оние што ги сакаат. Ние тонеме заедно со Титаник. Можеби тоа не беше нивен план, но не им е важно – рече српскиот претседател Александар Вучиќ, зборувајќи за набавката на руски и кинески вакцини кои сè уште не се одобрени за употреба во ЕУ, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Вучиќ разви блиски односи меѓу Белград, Москва и Пекинг, а она што стана своевидна алтернатива за односите со Брисел и Вашингтон, дополнително е нагласено во текстот.
ЕУ обезбеди 70 милиони евра за набавка на вакцини во шест балкански земји, но поради проблеми со набавките, веројатно вакцините од Западот ќе бидат достапни неколку месеци по другите земји. „Фајненшл тајмс“ заклучи дека ова ги разочара балканските земји и ги принуди да побараат вакцини од Русија и Кина.
Поткопување на кредибилитетот на ЕУ заради проблеми во набавката на вакцините
Како резултат на тоа, некои официјални лица предупредија дека ова може да резултира со нарушување на кредибилитетот на ЕУ.
Во исто време, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово досега не примиле ниту една доза на вакцина.
– Сакавме да набавиме западни вакцини и на тој начин да покажеме каде припаѓаме како држава. Првично ја исклучивме можноста за преговори со Русија и Кина – изјави македонски официјален претставник за „Фајненшл тајмс“.
Сепак, како што рече, ќе биде многу тешко да им се објасни на граѓаните зошто ги чекаат вакцините на компаниите „Фајзер“, „Модерна“ и „АстраЗенека“, додека на пример, Унгарија набавува кинеска вакцина.
Црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ-Бојовиќ посочи дека оваа земја има потпишано договор за набавка на 150.000 кинески вакцини и дека ќе се обиде да купи 50.000 руски.
Во средината на минатиот месец, босанските власти објавија дека ќе започнат преговори со Москва и Пекинг за набавка на вакцините. Босна и Херцеговина, како и Црна Гора, сè уште нема добиено ниту една вакцина преку глобалната иницијатива „Ковакс“.