Поранешниот градоначалник на Прилеп осомничен за злоупотреби со градежни парцели
Прилепската полиција поднесе кривична пријава против девет физички и две правни лица, а меѓу кои и против М.Р.(49) тогаш во својство на градоначалник на општина Прилеп, И.Ч.(70), раководител на Одделение за урбанизам во општина Прилеп кои се осомничени за злоупотреби со градежни парцели.
Пријавените, вели полицијата, во својство на одговорни лица ги пречекориле своите овластувања, а со намера да овозможат противправна имотна корист за правното лице од Прилеп , во 2012 и 2013 година, со електронско наддавање каде како продавач се јавува општина Прилеп на градежни парцели ГП од КО Прилеп, а како купувач се појавува правно лице од Прилеп.
„Трите парцели биле отуѓени од страна на општина Прилеп по вкупна цена од 11.442.102 денари, по што на ваков начин предизвикана е штета на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 7.749.698 денари. Во 2013 година, од страна на општина Прилеп било издадено одобрение за градење на правно лице од Прилеп за изградба на станбена зграда со деловен простор на друга локација во Прилеп при што бил склучен договор за плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште на 11 месечни рати, а платена е само првата рата, а самиот Договор нема предвидено одредби за заштита од неплаќање на долгот, ниту пак истото е укинато, на кој начин противправно му е овозможено на истото правно лице од Прилеп да врши градежни работи без да го плати утврдениот надоместок- а што е спротивно на одредбите предвидени во Законот за градење. Плаќањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште е извршено во 2016 година без основа на судска пресуда по тужбата вв продажба на градежни парцели“’, информира полицијата.