Мијалков: Никогаш никому, ни писмено, ни усно, не сум му дал наредба за прислушување

Очекував  во оваа постапка да чујам и да видам барем еден материјален или вербален доказ за да се поткрепи обвинението, рече Мијалков.

477

Никогаш никому, ни писмено, ни усно, не сум му дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на комуникации. Не сум имал можност и привилегија да давам такви наредби, рече Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК на денешното рочиште во случајот „Таргет Тврдина“ додавајќи дека Израелците му откриле кога ја прикажувале опремата дека можело да се прислушува и надвор од системите на УБК.

– Од израелска компанија за високософистицирана опремами ми беше презентирано, дека е можно следење на комуникации на мобилната телефонија надвор од Управата, преку телефонските оператори. Опремата беше составена од три лаптопа и една мала антена од неколку сантиметри. Таа опрема ја нарекуваат ДПЛ, за детектирање, превенирање и лоцирање. На еден од лаптопите пред сите излезе телефонска комуникација од повеќе разговори, преку нашите мобилни оператори – рече  Мијалков.

Тој додаде дека на презентацијата бил присутен и Ѕвонко Костовски.






Бранителот на Мијалков, Љупчо Шврговски во врска со обвинението, го праша дали во 2008 формирал злосторничко здружение со намера да ја злоупотреби службената положба и овластувањата:

-Тоа е апсолутно неточно – одговори Мијалков и додаде дека тој Надица Николиќ, една од создавачите на групата, не ја познавал. Ја запознал дури кога се отвори предметот.

Мијалков рече дека не формирал злосторничко здружение и дека кога некој би формирал група, веројатно нема да биде толкава група, настрана што и нему не му се познати нејзините создавачи.

– На другиот создавач Горан Грујовски никогаш не сум му дал наредба да формира група, а во судница ги запознав и другите создавачи на групата. Очекував  во оваа постапка да чујам и да видам барем еден материјален или вербален доказ за да се поткрепи обвинението – рече Мијалков.

Поранешниот директор на УБК тврди дека нема ниту еден доказ дека снимените разговори се од Управата и дека таму се вршело прислушувањето.

– Ако ги снимал разговорите во УБК сведокот Ѕвонко Костовски и ги режел во Управата, можеше да се споредат тие цедеа со цедеата во УБК од посебните истражни мерки, но такво нешто нема – рече Мијалков пред судот.

Утринава прва во судот сведочеше поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која рече дека не знаела што потпишува кога во УБК била формирана комисијата што ја уништи опремата за прислушувањето.

– До вакви сознанија дојдов кога Специјалното јавно обвинителство го отвори предметот „Тврдина“ кој се однесува на уништувањето на опремата. Од оваа перспектива, можам да кажам дека, гледајќи ги писмените документи, без да се имаат предвид изјавите на сведоците, невозможно е да се препознае за што точно станува збор во таа постапка каде што била уништена опремата – рече Јанкулоска.

Таа го потпишала таквото решение на 13 мај 2015 година, а извештај од работата на комисијата која ја уништила опремата добила на 8 мај 2015, односно ден пред настаните во Диво Насеље и пет дена пред да поднесе оставка и да биде разрешена од Собранието.

Околу 25 милиони евра е вкупната сума која 177 луѓе како оштета је бараат од државата за прислушувањето кое произлезе од овој предмет на поранешното СЈО, јави Радио Слободна Европа.

Станува збор за бизнисмени, новинари, политичари чии телефонски разговори ги слушале разузнавачи и фаќале белешки од нив. Барањата за надомест се од 30 илјади евра па се до 10 милиони евра. Вкупно 35 сведоци во случајот досега јавно побарале да бидат обештетени.

Покрај Мијалков и Јанкуловска обвинети се и поранешниот началник на петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од управата.

 

Поврзани содржини