Државна помош за инвестиции добија 141 компанија

За оваа цел државата исплати 11, 5 милиони евра.

234

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со 11,5 милиони евра поддржани се 141 компанија, кои вработуваат околу 18.000 лица, информираа од кабинетот на вицепремиерот за должен за економски прашања Фатмир Битиќи.

Годинава се потпишани нови 38 договори и 10 анекси на постоечки договори со компании за државна помош, според Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра.






– Кумулативно, од 2018 година до денес, по овој Закон се потпишани 245 договори со компании. Од нив до 15 ноември 2020, до кога е и законскиот рок за аплицирање за исплата на државна помош за инвестициски циклуси направени во 2019, беа пристигнати 151 барање. Од нив, 141 компанија кои вработуваат околу 18.000 лица, ги исполнија условите согласно Законот и за истите беше исплатена финансиска поддршка од околу 11,5 милиони евра или 706.666.491 милиони денари – информираат од кабинетот на вицепремиерот.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како што истакнуваат од Кабинетот на Битиќи, дава подеднаква можност за сите компании во земјата, независно од нивната големина или местоположба, како и дали се домашни или странски компании.

– Во овој момент фокусирани сме кон амортизирање и намалување на штетите предизвикани од коронавирусот, сепак паралелно мораме да работиме и на подолгорочно планирање и да бидеме подготвени за брз раст и развој на економијата по стабилизирање на состојбата со коронавирусот, односно во пост-ковид периодот. Затоа е од исклучителна важност дека ова се финансиски средства кои компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој како и стекнување конкурентска предност. Ова носи напредок и развој за нивните вработени, но во ова време на непредвидливост и светска криза, значи стабилност на нивните работни места и отворање на нови – велат од Кабинетот на Битиќи.

Поврзани содржини