Хенкок: Новиот вид на коронавирус е „надвор од контрола“

Ќе биде многу тешко вирусот да се држи под контрола се додека населението не се вакцинира - додаде тој.

1,038

Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, денеска изјави дека новиот вид на коронавирус е „надвор од контрола“, со што го оправда затворањето на Лондон и на дел од јужна Англија, што може да потрае се додека не се вакцинира населението.

– За жал, новиот вид е надвор од контрола. Треба повторно да ја воспоставиме контролата, а тоа е можно само со ограничување на социјалните контакти – изјави Мет Хенкок за „Скај Њуз“.






– Ќе биде многу тешко вирусот да се држи под контрола се додека населението не се вакцинира – додаде тој.

Конзервативната влада на Борис Џонсон вчера прогласи карантин за Лондон и за југоисточниот и источниот дел на Англија, принудувајќи повеќе од 16 милиони жители да бидат дома и да се откажат од дружења за Божиќ.

Затворени се сите продавници што не продаваат храна и основни продукти и забрането е патувањето надвор од овие зони за кои е прогласен најголем степен на узбуна, било во другите делови на Велика Британија или во странство. Баровите, рестораните и музеите се затворени од средата.

– Ова е голем предизвик се додека населението не се вакцинира. Во следните неколку месеци ние ќе се бориме против овој предизвик – предупреди Ханкок.

Велика Британија ја извести Светската здравствена организација (СЗО) дека новиот вид на коронавирус се шири побрзо, дури и „до 70 проценти“, рече премиерот Борис Џонсон.

Низ светот претходно веќе се откриени и пријавени мутации на вирусот САРС-КоВ-2.

Владиниот научен советник, Патрик Валенс, вчера изјави дека новиот вид на коронавирус, освен што се шири побрзо, станува и „доминантна“ форма што доведе до „нагло зголемување“ на хоспитализациите во декември.

Поврзани содржини