Демократскиот сојуз изразува загриженост поради фактот дека во процесот на македонските евроинтеграции, заткулисно и на мала врата се реализираат дел од бугарските барања, со кои се потврдува ветото на Бугарија.
– Потсетуваме дека во заклучоците на амбасадорскиот совет за проширувањето кон Западен Балкан, на предлог на германското претседателство, во преамбулата на текстот е вметната референцата за погрешно толкување на историјата и долгото име на нашата држава.
Иако одредени дипломати тврдат дека констатацијата за „погрешно толкување на историјата“ важи за сите држави во контекст на регионалното помирување, на сите им е јасно дека споменатата реченица се однесува директно на Македонија и дека таа е вметната под бугарски притисок.
Притисокот на Софија за употреба на долгата форма на нашето државно име, исто така е прифатен. Во нацрт- верзијата, за прв пат се користи долгата форма – „Република Северна Македонија“, за разлика од претходните нацрт-заклучоци кога се употребуваше кратката форма – „Северна Македонија“. За сите други земји, во или вон ЕУ, се користи кратката форма, освен за Северна Македонија. Ова е исто така барање на Бугарија која смета дека кратката форма претставува иредентизам од македонска страна.
Иако на денешен ден Македонија полни 15-годишен стаж како земја-кандидат за членство во ЕУ, за жал, се потврдува ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја со Унијата, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да започнат преговорите – вели Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз потсетува дека односот на ЕУ кон ирационалните барања на Р. Бугарија, сериозно ја разнишува довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан и претставува мотив за уште посериозен продор на трети страни во регионот.