Министерката Захариева и нашето комунистичко минато
„Што бара овој комунист овде“, му дофрла министерот за надворешни работи на Словенија на својот колега од Хрватска, доволно гласно тоа да може да го слушне Лорд Карингтон кој претседава со Конференцијата за Југославија во Хаг, на маса околу која седат републичките министри за надворешни работи и југословенскиот министер Будимир Лончар кон кого беа упатени зборовите. „Комунист, кој рече комунист“, извикува Британецот правејќи пародија од несмасните зборови кои ги слушна, „па што чекате, вадете пиштоли и пукајте“.
Атикомунистичките изјави на бугарската министерка за надворешни работи Захариева насочени кон нашето комунистичко минато ме вратија во времето на пропаста на светскиот комунизам на почетокот од деведесеттите.
Распадот на југословенската федерација не соочи нас политичките претставници на нејзините народи со тешката задача да им објасниме на западните победници кои всушност сме ние.
Се сеќавам дека на моите средби тие покажуваа интерес буквално за се, но никогаш, ама баш никогаш, ниту еден западен соговорник не го постави прашањето за нашето комунистичко минато. Достоинствено воздржани во победата, им беше само важно што мислиме денес и како ја гледаме сопствената држава во иднина.
Широки во своите погледи, свесни и за улогата на комунистичките партии во движењето на отпорот против фашизмот и повоениот парламентарен систем и на своите земји, на минатото гледаа токму така – како на минато. Но не и нашите балкански политичари. Некои од нив не пропуштаа прилика вербално да го демонстрираат својот антикомунизам со намера да им се допаднат на победниците. Не им се допаднаа.
„Што бара овој комунист овде“, му дофрла министерот за надворешни работи на Словенија на својот колега од Хрватска, доволно гласно тоа да може да го слушне Лорд Карингтон кој претседава со Конференцијата за Југославија во Хаг, на маса околу која седат републичките министри за надворешни работи и југословенскиот министер Будимир Лончар кон кого беа упатени зборовите.
„Комунист, кој рече комунист“, извикува Британецот правејќи пародија од несмасните зборови кои ги слушна, „па што чекате, вадете пиштоли и пукајте“.
Значи, со сета почит кон бугарската минстерка за надворешни работи, нашето комунистичко минато е само наше и не спаѓа во она што во Договорот за пријателство и добрососедство се нарекува заедничка историја. Со нашето комунистичкото минато се справуваме самите ние. Имено, се работи за еден деликатен процес кој не трпи импровизации зашто токму тогаш е прокламирано раѓањето на македонската држава и нација, чин на кој сме горди. Оттаму, обидот да бидеме засрамени со нашето комунистичко минато произведува само гнев на оваа страна на границата. Гнев кој произлегува од сомнежот дека намерата на бугарската политика е да го сврти тркалото на историјата назад.
Тоа, пак, би значело отворање на шишето со злите балкански духови на минатото и би предизвикало нови поделби внатре и обновување на стариот ривалитет на соседите за нашата земја и за нашите души.