Против загадувачи со здружени сили инспекциите на општините и Град Скопје
Шилегов денеска вели дека за заеднички градежни инспекции моментално има пречки, а тоа ќе биде случај со преземањето на ингеренциите.
Од 1 јануари заеднички контроли против загадувачите ќе вршат инспекторите од Градот и сите скопски општини.
Градоначалниците на општините во Скопје и Градот денеска потпишаа меморандум за соработка, но не и за ресорот градежништво. Инспекторите од сите скопски општини нема заеднички да лоцираат дивоградби како што беше првичната замисла на скопскиот градоначалник.
Општинските инспектори и редари заеднички ќе се борат против загадувањето и нередот во скопските општини. Од Нова година нема да има административни граници за 115-те инспектори. Целта за ваквата соработка меѓу општините е да се елиминира злоупотребата на локалните инспекциски служби.
– Токму поради тоа што се стационирани цело време во една општина. Сега кога ќе ги измешаме инспекторите од Карпош во Чаир или обратно. И ако има некои некои субјективни слабости внатре во службите, на овој начин ќе ги елиминираме зашто, условно кажано, ќе се измешаат луѓето – вели Шилегов.
Шилегов денеска вели дека за заеднички градежни инспекции моментално има пречки, а тоа ќе биде случај со преземањето на ингеренциите.
– Јас најавив дека ќе побарам законски измени за секторот градежништво во делот на градежниот инспекторат во моментов постои формална пречка за да можеме да имаме вакво здружување. Не постои недостаток на волја, меѓутоа од формален аспект имаме пречки во законот за градење. Кога ќе се смени тоа, така ќе настапиме бидејќи немаме двојба никој од нас тука 11 луѓе дека тоа нешто треба да биде исто така координирано – рече Шилегов.
– Кога сме кај дивите продавачи, тоа е проблем во себе и се радувам што вашиот медиум се занимаваше многу во последно време. Вие земавте изјави од пазарен инспекторат каде имавме дискоординација на меѓу институции и се разбира кога говориме за животна средина, инспекторатите ќе бидат на терен ќе ја вршат својата задача, каде треба да се интервенира, да се заплени робата и така натаму – рече Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.
– Да ги спроведеме сите мерки и активности коишто ќе одат во правец за заштита на човековата околина, секако и преземање мерки кон несовесните граѓани кои истураат кабаст отпад, шут, палаење на гуми и така натаму, без разлика на која општина и територија се наоѓа. Мислам дека мапирањето на таквите средини секоја од општините ги има – рече Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба.
Меѓуопштинскиот договор за инспекциите за животна средина и комуналии треба да биде одобрен од Советот во сите скопски општини.