Плитките толкувања на историјата од другарот Заев
Ќе најдеме ние, Македонците, сили да се соочиме и со сопствените заблуди и со некои лаги на комунистичката историографија (како во почетокот на деведесеттите години на минатиот век), а сигурен сум дека и Бугарите ќе го сторат истото и ќе ги прифатат и историските и актуелните реалности. Но, за да се случи тоа, нема да биде доволно Заев вака да ни ја „објаснува“ историјата и да отрча во Софија да потпише штогоде. Тоа нема да помине!
Откако утринава (среда, 25 ноември 2020 година) го прочитав интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, го замолив сопственикот, мојот колега и пријател Љубчо Нешков, да ми дозволи Плусинфо да го пренесе во целост. И така, со љубезноста на Нешков, македонската јавност доби одлилчна можност изворно и детално да се запознае со некои ставови на Заев за актуелните односи меѓу Македонија и Бугарија, особено сега, по софиското вето на одлуката Европската унија да ги почне преговорите со нашата земја.
Првата работа што може да се заклучи од овој настап на Заев влијателен бугарски медиум е видливиот напор на македонскиот премиер да демонстрира големо пријателство кон Бугарија, кон бугарскиот народ и кон бугарскиот државен врв и да ги санира последиците од антимакедонската пропаганда во Софија и од антибугарската пропаганда во Скопје, кои бликнаа во најчувствителниот период пред Берлинскиот самит. Тој напор секако е за почит. Заев, употребувајќи комични термини од типот на „длабоката држава“, се потрудил вината на македонска страна да ја префрли на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно заборавајќи на жестокиот говор на омраза на перјаниците на провладината пропаганда во Скопје.
Но, треба да се заборават тие грди работи. И не мислам дека тие експликации се клучниот проблем во интервјуто на Заев. Пожарот не е изгаснат, а човекот реално е единствениот овластен „пожарникар“, веројатно со искрена намера да го изгаси. Само, таа негова ролја мене воопшто не ме импресионира. На пример, ништо не ми значи неговото фалење како за 30 минути, тој и министерот Никола Димитров, практично го „егзекутирале“ новинарот Зоран Иванов, поради онаа негова навреда за министерките Захариева и Бакојани на Фејсбук. Секако, го осудувам гестот на Иванов, неизоставно мислам дека и без тој гест нему не му е местото во некаков одбор во МИА, но Заев би требало да знае дека сопружниците Чаушеску, на пример, пред да бидат стрелани, добија право на 40-минутно „судење“. Реално, тоа е 10 минути повеќе право на одбрана одошто добил Зоран Иванов.
Велам, овие маргинални прашања и таа нагласена „пријателска“ реторика на Заев не ме импресионираат, но не ме ни разочаруваат. Тоа е Заев, кој го знае, јасно му е. Она за што сериозно треба да размислуваме сите ние, како обожавателите така и критичарите на лидерот на СДСМ, се некои прилично сомнителни тези во неговиот исказ, тези кои ги подгреваат сомнежите дека оваа влада можеби навистина подготвува едно посериозно ретуширање на македонската историја и опасно оспорување на некои битни аспекти на идентитетот и на државотворноста на македонската нација.
Со резерва дека Заев се изразувал недоволно артикулирано (пак), а можеби и дека преводот на Плусинфо не е најпрецизен, би сакал да прокоментирам некои негови тези, за кои сметам дека се и спорни и опасни.
Прашањето за тоа како ќе се дефинира македонскиот јазик во официјалната комуниакција и во документите на ЕУ изгледа не било сериозно на дневен ред во интервјуто. Освен што Заев ја фали Софија, па вели: „Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат“. Тоа е полувистина. Ставот на официјална Софија е познат – Македонците, Македонија како држава и македонскиот јазик постојат од 1945 година, државата ни е „коминтерновска творба“, а јазикот ни е преработен „бугарски дијалект“. Со други думи, пред да станеме Македонци, ние сме биле Бугари. Заев не ги коментира овие позиции на бугарската страна во преговорите и со тоа демонстрира недозволива слабост и снисходливост.
Од друга страна, тој воодушевено зборува за улогата на Гоце Делчев. Оној што, ако го немало, требало да го измислиме, нели. Вели Заев: „Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореа за слободата на Македонија и регионот на Одринско“. Во ред, да е само тоа, јас лично би го потпишал овој став како сопствен. Но, Заев не се спротивставува на правото на Бугарија Гоцета Делчев да го означи како етнички Бугарин. Ајде една еретичка мисла, во име на затворањето на тешкиот спор: да речеме дека не би ни морале да се трудиме да се бориме со Бугарите за тоа како тие етнички ќе си го обојуваат човекот кој целиот свој живот се борел за Македонија. Но, Зев не ја отстранува ни дилемата дали Македонија би прифатила обврска во историските учебници да запише дека Делчев бил Бугарин. Колку што мене ми е познато, тоа е прилично цврста преговарачка позиција, од која Софија нема лесно да отстапи.
Крајно спорни се и погледите на Заев за улогата на бугарската држава на територијата на денешна Македонија во текот на Втората светска војна. Потполно ја разбирам желбата на човекот да не се пренагласува погрешната одлуки на бугарската држава во Втората светска војна да застане на страната на Хитлеровата коалиција. И ја оправдувам нужноста многу понагласено да се промовира учинокот на Отечественофронтовска Бугарија во завршните борби против фашистичките орди во овој дел од Европа. Во тоа име, секако и со пиетет кон денешните Бугари, кои и јас ги сметам за наши браќа, нема ништо спорно во тоа да се крикне „Бугарија не е фашизам!“.
Но, Заев прави фатално погрешни толкувања на таа отсечка од историјата и при тоа се фали дека веќе заменил 20 табли на кои било напишано „бугарски фашистички окупатор“. Да се каже дека присуството на бугарската квинслишка војска во Македонија не било окупација туку „администрација“, а потоа во Бугарија се „кренал“ антифашизам за слобода и за демократија, е тоа е повеќе од непознавање на историјата. Тоа е груб историски фалсификат, за што има безбројни аргументи. Јас имам и еден приватен аргумент, кој речиси никогаш не го (зло)употребувам, но сега ќе кажам дека иако сум спремен и јас да крикнам „Бугарија не е фашизам“, не можам да прифатам Заев да ме убедува дека мојот дедо (татко на мајка ми) во војната година бил убиен од некакви „администратори“.
Па чекајте, мајку му стара, ако немало окупатори, немало ни ослободители! За што се бореле нашите борци? За место во „администрацијата“, како денес?
Да се фалсификува историскиот факт дека во текот на Втората светска војна, до капитулацијата од 9 септември 1944 година (која баш и не била дело на некакво антифашистичко востание, како што разбрал Заев, туку плод на жесток притисок), Бугарија е дел од силите на Оската, да се заборави на некои воени злосторства извршени во Македонија врз недолжното цивилно население, а потоа да се каже дека по Втората светска војна „илјадници“ Македонци биле убиени затоа што се чувствувале Бугари, е тоа, драги мои, е многу повеќе од незнаење. Тоа е довикување на нови тензии и непријателства меѓу двете нации, без оглед на нивната актуелна волја да градат светла заедничка иднина.
„Наследивме време кое не беше во прилог на пријателството меѓу нас. Југославија нѐ подели“, вели Заев. Уф, какво трагично непознавање или намерна мисинтерпретација на историските факти!
Мерено со аршините на сегашноста, сите поствоени државници, социјалистички и капиталистички, сеедно, денес би можеле да се наречат „диктатори“. Од Јосиф Висарионович до Шарл Де Гол. Но, Јосип Броз Тито и Георги Димитров веројатно можат да се сметаат за „помеки диктатори“. А Зоран Заев, пред да се согласи со тезата „Југославија не подели“ – не мисли белким сериозно така? – можел да научи нешто повеќе за соработката на Тито и Димитров и на Југославија и Бугарија токму во периодот непосредно по победата над фашизмот. И секако, кога би погледнал на тој период со отворени очи, би сфатил дека Сталин и неговата врхушка во Софија, инсталирана по загадочната смрт на Димитров, се тие што подигаат челична и меѓу Македонија и Бугарија.
Да не должам премногу. Сакам да кажам дека не ми се допадна ова интервју на Заев. Не ми се допадна неговата збунетост и субмисивност. Без оглед колку се обидува да ги исплаши Македонците и Бугарите дека „длабоката држава“ останала во ВМРО-ДПМНЕ, со ваквите плитки толкувања на историјата, премиерот Зоран Заев нема да успее да постигне одржлив историски договор меѓу Македонците и Бугарите. Ќе најдеме ние, Македонците, сили да се соочиме и со сопствените заблуди и со некои лаги на комунистичката историографија (како во почетокот на деведесеттите години на минатиот век), а сигурен сум дека и Бугарите ќе го сторат истото и ќе ги прифатат и историските и актуелните реалности. Но, за да се случи тоа, нема да биде доволно Заев вака да ни ја „објаснува“ историјата и да отрча во Софија да потпише штогоде. Тоа нема да помине!
Не, без сериозен разговор и договор меѓу клучните политички сили во Скопје, без искрен дијалог неоптоварен со заблуди и меѓусебна омраза, договор меѓу Македонија и Бугарија нема да има. Всушност, договор може да се склепа, тоа е неспорно, па и да се потпише може, но Заев нема да може да гарантира за тој договор со ништо друго освен со својот втор мандат. Колку ќе вреди и колку ќе трае тоа? Не знам, не долго. Зашто, ваквите толкувања на историјата и оспорувања на самобитноста на Македонија и на Македонците нема да поминат ни во СДСМ. Во тоа сум длабоко убеден.