Ако матичниот фати корона, пациентите ги презема друг лекар, им рипнале и сметките за телефон

Матичните сами купуваат маски, дезинфициенси и друга заштитна опрема, која дополнително им ги зголемува трошоците, особено скокнале сметките за телефон поради секојдневната комуникација со позитивните пациенти.

1,922

Нема прецизна бројка колку од матичните лекари од почетокот на пандемијата на коронавирусот заболеле од ковид-19, но не е мал бројот на заболени, вели за Плусинфо д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватните матични лекари.

– Заболени матични лекари има во Скопје, едвај извлекоа жива глава во „8 Септември“, во моментов четири матични лекари болни од ковид-19 има во Прилеп. Исто така, болни има во Кочани и во Битола, со нив се слушнав и тие се подобро. Позитивни лекари имаше и во Куманово. Со самото тоа што директно ги прегледуваме пациентите кои се позтивни на ковид-19, и покрај заштитата, сме изложени на вирусот. Прецизна бројка колку матични лекари заболеа од почетокот на епидемијата на коронавирусот немаме, но не е мал бројот на здравствени работници позитивни на ковид-19 – вели д-р Чолакова Дервишова.






Таа додава дека не е само проблем што има заболените матични лекари од ковид-19, туку и од други тешки дијагнози што дополнитено ја отежнува работата на останатите лекари. Според неа, за да не извисат пациентите, матичните се солидаризираат и ги преземаат пациентите од болните лекари, но со тоа работата им се удвојува бидејќи еден матичен лекар има меѓу 40 и 60 пациенти позитивни на ковид-19 кои треба секојдневно да се следат.

Во такви ситуации за да се постигне и за да се оствари комуникација со пациентите позитивни на ковид-19, д-р Чолакова вели им помагаат и медицинските сестри кои прават дел од анкетите.

Таа истакнува дека матичните сами купуваат маски, дезинфициенси и друга заштитна опрема, која дополнително им ги зголемува трошоците, а особено скокнале сметките за телефон поради секојдневната комуникација со позитивните пациенти. Таа вели дека сами набавуваат и боци со кислород, термометри…

Д-р Чолакова Дервишова чека одговор од новиот в.д. директор на Фондот за здравство Стево Крстевски, на кого пред една недела му доставила 10 барања на матичните лекари, меѓу кои и за покачување на бодот.

Поврзани содржини