500 кандидати за испит на академијата „Павел Шатев“, паника меѓу учесниците
Во Академијата чија мисија е да обучува кадар за судии и јавни обвинители, но и за судско обвинителската администрација, под раководство на професорката Наташа Габер-Дамјановска, велат дека нема простор за загриженост и паника, испитот по англиски јазик ќе биде организиран според сите здравствени протоколи.
Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“ во Скопје викендов организира испит по англиски јазик на кој се очекува да присуствуваат речиси петстотини пријавени кандидати кои конкурираат за упис на оваа високообразовна институција, што предизвика голема вознемиреност кај идните судии и обвинители кои треба преку овој испит да ги потврдат сертификатите за познавање странски јазик и со тоа да си обезбедат влез на академијата.
Нивната загриженост доаѓа од информациите со кои располагаат за огромниот број пријавени кандидати, а во анонимна дојава до нашата редакција, стравуваат и дека ќе бидат дисквалификувани оние кои во моментов се во изолација поради конакт со заразено лице од коронавирусот.
– Во време на пандемија, Академијата за судии и јавни обвинители ,Павел Шатев“, за претстојниот викенд 28 и 29 ноември има закажано тест за полагање на приемен испит во академијата на кој се пријавени 500 кандидати, притоа воопшто не водејќи сметка за здравјето на луѓето и препораките на Комисијата за заразни болест. Во затворен простор е забрането да се собираат повеќе од четворица. Академијата закажува приемен испит на кој ќе бидат присутни 500 луѓе, а притоа не водејќи сметка за кандидатите кои имаат решенија за изолација, и кои во самиот старт се дискавилификувани – велат загрижените кандидати.
Во Академијата чија мисија е да обучува кадар за судии и јавни обвинители, но и за судско обвинителската администрација, под раководство на професорката Наташа Габер-Дамјановска велат дека нема простор за загриженост и паника, зашто испитот по англиски јазик ќе биде организиран според сите здравствени протоколи.
– Ние не можеме да го запреме функционирањето на Академијата, но испитот по англиски јазик викендов ќе го спроведеме според здравствените протоколи што ги пропиша Владата. За таа потреба изнајмивме простор на Правниот факултет во Скопје. Полагањето ќе се одвива во големи амфитеатри, групите за разлика од лани ќе бидат редуцирани, токму онака како што пропишувааат протоколите за полагање испити. Точната бројка на кандидати кои ќе го полагаат испитот ќе биде позната во среда по состанокот на Управниот одбор на Академијата, затоа што има кандидати на кои им беа отфрлени документите поради разни причини, но секако бројката на тие што ќе го полагаат испитот ќе биде според протоколите. Ќе се полага два дена. За сите потребни информации кандидатите како и досега транспарентно ќе бидат информирани – велат од Академијата за јавни обвинители и судии.
Оттаму нагласуваат дека нема да бидат обесправени ниту оние што ќе достават решенија за изолација поради коронавирусот, за кои дополнително ќе информираат како ќе полагаат, според препораките на Комисијата за заразни болести.
– Никој нема да биде дискриминиран, ниту дисквалификуван. Кандидатите и досега отворено ги информиравме, нема потреба да стравуваат или да се сомневаат дека ќе биде поинаку, а здравствените протоколи при полагањето на испитот по англиски јазик доследно ќе се почитуваат – порачуваат од „Павел Шатев“, академијата од која се очекува нов кадар, обучуван според, како што велат, принципите на владеење на правото и заштитата на основните човекови права и слободи.
ФОТО: Академик