Руди Џулијани, шефот на правниот тим на американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска изјави дека на изборите во САД од 3 ноември постоела организирана кампања и централизиран план за изборна измама.
Според него, измамите ги воделе демократите во градовите на чие чело биле во клучните сојузни држави.
– Како што траеше нашето истражување, така се покажа дека ова не беа индивидуални измами во една држава. Образецот се повторуваше во многу држави, речиси на ист начин. И секој искусен обвинител ќе сугерира дека имало план што бил раководен од еден центар, “изборите да бидат украдени на различни начини, особено со фокус на големите градови управувани од демократите. И особено со фокус на големите градови каде што има долга историја на корупција – рече Џулијани.
Тој особено ја посочи Филаделфија, во сојузната држава Пенсилванија, каде што, како што наведе, „списокот со изборни измами е толку голем што може да ја наполни библиотеката“.
– Истото може да се каже и за Детроит – додаде Џулијани.
– Секој од овие градови е управуван од демократите, што значи дека тие можат да се извлечат со што и да направат бидејќи имаат одредено ниво на контрола, и тие сигурно во целост ги контролираат изборните комисии, можат да ги контролираат спроведувањето на законот и за жал имаат некои судии кои се на нивна страна и кои тие ќе дадат смешни и ирационални мислења, само за да им излезат во пресрет – тврди Џулијани.
Тој, исто така, наведе дека во Пенсилванија по пошта пристигнале 682.770 гласачки ливчиња, за кои „има сведоштва дека не биле проверени во времето кога пристигнале на избирачките места“.