Што треба да се направи ако на болен од ковид-19 кој се лекува дома му се влоши состојбата?

Ако се направи проценка дека е потребна хоспитализација, се повикува Брза помош која ќе го транспортира пациентот до ковид центарот каде има место.

31,475

Матичниот лекар прави проценка дали болниот од ковид-19 на кој му се влошила состојбата треба да се хоспитализира, по што се повикува Брза помош за пациентот да се згрижи на некоја од клиниките каде што има слободно место, велат од Министерството за здравство на прашањето на Плусинфо да објаснат како се одвива хоспитализирањето на пациенти на кои им е влошена состојбата поради ковид-19 во ситуација кога сите болнички капацитети се пополнети.

– Пациентите кои имаат симптоми на ковид-19 се во постојан контакт со матичните лекари кои имаат добиено алгоритам од инфектолози од Клиниката за инфективни болести и според него, според клиничката слика и анализите од крвната слика, лекарите прават проценка дали пациентот треба да се хоспитализира во даден момент. Ако се направи проценка дека е потребна хоспитализација, се повикува Брза помош која ќе го транспортира пациентот до ковид центарот каде има место. Доколку и семејството го однесе пациентот, секако нема да биде вратен, но матичнот лекар мора да провери во кој центар да го упати. На територија на град Скопје пациентите се згрижуваат во неколку центри и тоа ГОБ „8 Септември“, Клиника за инфективни болести, Институт за белодробни заболувања кај деца Козле, Институт за белодробни заболувања и ТБЦ и на интерните клиники во ковид центрите во Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за неврологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија – велат од Здравство.






На Клиниката за инфективни болести се прават амбулантски прегледи и се утврдува на кој пациент му е потребна хоспитализација. Само во текот на вчерашниот ден биле направени 63 амбулантски прегледи и биле хоспитализирани четири нови пациенти.

– На Клиниката се хоспитализирани најтешките случаи на пациенти со ковид. Третирањето на овие пациенти не дозволува тие да се лекуваат во дневна болница, бидејќи им е потребен континуитет во болничката нега и постојан надзор – додаваат од Здравство.

На прашањето дали се планира да се отворат спортски сали или касарни за хоспитализација на пациенти со ковид-19 со лесна и средна слика од Министерството велат дека за тоа нема потреба.

– Според препораките на Светската здравстена оргазнаиција (СЗО) и медицинските протоколи за лекување на пациенти со симптоми на ковид-19, пациентите со лесна и средно тешка клиничка слика се лекуваат дома. Дел од нив воопшто нема потреба да примаат антибиотска или каква било друг тип терапија освен витамини. За пациентите кои имаат посериозни симптоми на болест и кои бараат хоспитализација, интравенска терапија и кислород, отворени се ковид центри во рамките на болниците. Во моментов такви оддели има осум во град Скопје и во сите болници во внатрешноста. Во функција се и две модуларни болници, а се планира во скоро време отворање и на уште две – велат од Министерството.

Во однос на тоа колкав е бројот на лица кои се во изолација, од Министерството велат дека само минатата недела Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) има издадено 13.500 решенија за самоизолација.

 

Поврзани содржини