Пендаровски: Многу млади не се задоволни од резултатите постигнати во борбата против корупцијата, организираниот криминал и непотизмот
Зборувајќи за односите со ЕУ, Пендаровски нагласи дека стагнацијата во интеграцискиот процес отсекогаш била извор на фрустрации и разочараност, поле за игра за националистите и отворена покана за малигните геополитички влијанија.
Знам дека многу млади од Северна Македонија не се задоволни со резултатите постигнати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, непотизмот или со ефектите од економските и образовните политики, изјави претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на 18. Меѓународна младинска конференција на тема: „Европските вредности за иднината на земјите од Југоисточна Европа“, којашто поради пандемијата се одржува виртуелно.
– Младинското незадоволство е секогаш лоша вест, бидејќи покажува дека политичарите не успеале да изградат инклузивно општество, растечка економија и култура на дијалог. Истовремено, се додека младите се незадоволни, но се подготвени да направат нешто во врска со тоа, има надеж за сите нас. Би требало да бидеме многу позагрижени доколку вие, младите станете рамнодушни, што би значело дека ги прифаќате недостатоците на системот или ќе барате подобар живот во странство. За жал, секојдневно, многу млади ја одбираат или едната или другата алтернатива – рече претседателот, оценувајќи дека во речиси секоја од нашите држави има „загрижувачки тенденции“.
Пандемијата, како што посочи тој, дополнително ја комплицира и онака сложената состојба.
– Се предвидува и релативно високо ниво на структурна невработеност, особено меѓу младите, а, на глобално ниво, околу 180 милиони млади се вработени во секторите што се најпогодени од пандемијата, при што еден од шест млади луѓе во светот е невработен, додаде Пендаровски.
Зборувајќи за односите со ЕУ, Пендаровски нагласи дека стагнацијата во интеграцискиот процес отсекогаш била извор на фрустрации и разочараност, поле за игра за националистите и отворена покана за малигните геополитички влијанија.
– Со одлагањето на процесот ќе се прати погрешна порака не само до македонските граѓани, туку и до целиот регион – имено, дека една земја може да направи и најтешки одлуки и да поднесе најголеми жртви, а сепак да не го добие она што го заслужува. Јасно ќе открие дали Европа е само заеднички пазар или заедница на вредности во исто време. И дали политичките одлуки на Унијата се засноваат само на националните интереси на земјите членки или земени се предвид и заедничките европски вредности – рече Пендаровски.