Пендаровски: Ситуацијата со ковид-19 е исклучително сериозна, почитувајте ги мерките

378

Ситуацијата е исклучително сериозна и додека нема вакцина граѓаните доследно да ги почитуваат пропишаните мерки, порача шефот на државата Стево Пендаровски по завршувањето на деветата седница на Советот за безбедност посветена на ситуацијата со ковид-19.

Тој информира дека на седницата присуствувале сите членови на советот освен Марковски и министерот Оливер Спасовски. Министерот за здравство Венко Филипче информирал за актуелната ситуација со ковид-19,  за најновата состојба, работата на Комисијата за заразни болници и за болниците, а премиерот за мерките за економијата и за функционирањето на Централниот кризен штаб.






– Поради есенскиот бран на пандемијата здравствениот систем се реорганизира, се ангажираат дополнителни капацитети, се прават напори да се тестираат што е можно повеќе лица, и да се згрижат и третираат што е можно повеќе пациенти. Но, сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува. Сведочиме дека и најразвиените земји тешко излегуваат од оваа ситуација без преседан. Не постојат мерки препорачани од СЗО, а да не се применуваат кај нас. Разликата е во нивото на почитувањето од граѓаните и од имплементацијата на законите од институциите. Сакам да нагласам дека ни во Владата, ни во министерството, ни во Комисијата не е собран сиот ум и искуство во светот, така што секоја добронамерна и конструктивна критика за подобрување на нашиот национален одговор е добредојдена. Постои подготвеност сите добри предлози да бидат прифатени, не очекувам во оваа ситуација некој да добива на политички поени. Им оддавам признание на сите во здравствениот сектор. Ситуацијата е исклучително сериозна, човечките ресурси се ангажирани максимално, а со оглед на тоа што доаѓа сезоната на сезонски грипови за да истраеме потребна ни е одговорност. Апелирам во отсуство на вакцина нема друга алтернатива освен доследно почитување на сите протоколи. Направете го тоа за себе и својте најблиски – изјави Пендаровски.

На прашање дали се зборувало за воведување вонредна состојба, Пендаровски изјави дека тоа не било тема и повтори дека вистинското место за дискусија на таа тема е Парламентот.

Поврзани содржини