Наместо да го згаснат, пожарникарите и Шилегов го распалија „огнот“: Тие му најавија протести, тој им се закани дека ќе прима нови пожарникари!
Ако заминете – рече Шилегов во тензичната расправија - ќе има оглас, ќе примиме нови пожарникари. Законски основ за исплата на тоа што го барате засега нема. Треба да се смени законот во јуни 2021. Порано не може.
Пожарникарите со најава за нови протести, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов со закана дека ќе распише оглас и дека ќе прими нови пожарникари. Вака денеска се „разбраа“ скопските пожарникари и градоначалникот Шилегов. Тие пак побараа со платите да им се исплаќа надомест за опасност на работното место, а тој им рече дека за да се случи тоа, треба да се смени законот, во јуни 2021 година.
Пожарникарите ќе се преселат пред канцеларијата на градоначалникот Шилегов, но најавија дека нема да ги доведат граѓаните во опасност, бидејќи во секое време во нивната база ќе функционира дежурната чета подготвена за евентуални интервенции.
– Ако заминете – им рече Шилегов во тензичната расправија – ќе има оглас, ќе примиме нови пожарникари. Законски основ за исплата на тоа што го барате засега нема. Треба да се смени законот во јуни 2021. Порано не може.
Скопските пожарникари не го прифатија неговиот предлог, Тие велат дека со законски измени уште во 2014 години им е овозможено поради ризичноста на работното место да добиваат додаток на основната плата од 20 отсто. Но, ваквиот додаток не им се исплаќал на пожарникарите, па затоа некои од нив и го тужеле Градот.
Градоначалникот објасни дека со оние кои поднеле тужби, за да се избегната давачките за судските трошоци, понуден е почеток на медијација за решавање на проблемот стар 15 години. Пожарникарите не го прифаќаат ова. Тие велат дека како блок дотации одобрени се пари за плати за 237 пожарникари, а сега се вработени 194 пожарникари, што значи дека има пари да се исплаќа додатокот.
Шилегов појасни дека не станува збор за недостаток на волја, туку за недостаток на законски основ за да може да се исплаќа платата така како што бараат пожарникарите.
И така, огнот што го распалија пожарникарите продолжи да тлее. Останува да се види дали ќе се оствари заканата со секојдневни протести и како тоа ќе се одрази на функционирањето на оваа витална служба.
Фото: МИА