Мисајловски: Заев да го каже својот став за Гоце Делчев и за македонскиот јазик
Зошто владата не упати протестна нота до Бугарија по изјавата на Каракачанов дека ќе испрати армиски полк да ги руши спомениците на македонските револуционери во Скопје, праша Мисајловски.
Господине Заев кој е вашиот став за Гоце Делчев и за македонскиот јазик и зошто не реагирате на бугарските понижувања на нашата нација, праша денеска Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Зошто владата не упати протестна нота до Бугарија по изјавата на Каракачанов дека ќе испрати армиски полк да ги руши спомениците на македонските револуционери во Скопје?! Дали господине Заев тргувате со Гоце Делчев и со македонскиот јазик?! И дали потклекнувате пред бугарските закани?! Вашето виткање на кичма резултира со понижена Македонија – рече Мисајловски и додаде дека Зоран Заев молчи во врска со изјавите на врни бугарски политичари дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик е лингвистичка форма на бугарскиот.
Тој порача дека Заев мора да знае дека Македонија не е негова фирма од Струмица.
На прашањето кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ и што треба да се направи во однос на спорот со Бугарија за Гоце Делчев и јазикот, Мисајловски рече:
– Во овој период треба силна дипломатска офанзива. Треба државата, власта, владата која впрочем доби доверба за да ги штити македонските национални интереси, тоа да го прави, а не како што сега гледаме. Значи, оваа власт наместо да се крие зад ваквите прашања треба да излезе и да го каже ова јавно, дали Гоце Делчев е Македонец, дали македонскиот јазик е македонски јазик. За нас за ова нема дилема. Но, прашањето ви е добро. Затоа не само опозицијата, не само власта, туку сите политички парии треба да се сплотиме за овие национални интереси, да изградиме национален став и затоа е потребна лидерска средба. Ако ние сме сложни во државата, ќе бидеме сложни насекаде за вакви прашања, и тоа е прво и основно што треба да го направи оваа власт, а не само да се препукува со опозицијата бидејќи знаете има прашања кои се многу поважни од политика, а тоа е идентитетот на Македонецот и се разбира идентитетот на оваа држава – рече Мисајловски.