Oд системот секоја слаба алка мора да се санира или отстрани, велат од Народна банка
Оттаму ги отфрлаат како целосно неточни обвинувањата и инсинуациите на еден од доминантните сопственици на „Еуростандард банка” АД Скопје – сега во стечај, упатени кон Народната банка и нејзиното раководство.
Народната банка упати реакција на настапот на Трифун Костовски, еден од доминантните сопственици на „Еуростандард банка” АД Скопје – сега во стечај, во емисијата „Студио 10″ на ТВ 24, во чие излагање побара целото раководство на Народната банка веднаш да поднесе оставка.
Оттаму ги отфрлаат како целосно неточни обвинувањата и инсинуациите на еден од доминантните сопственици на „Еуростандард банка” АД Скопје – сега во стечај, упатени кон Народната банка и нејзиното раководство.
– Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите, кои подеднакво важат за сите. Kако регулатор и супервизор на банкарскиот систем не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на закон со тоа доведувајќи ја во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем – се вели во соопштението.
Секоја слаба алка во системот, потенцираат оттаму, мора да се санира или доколку тоа не е можно мора да се отстрани од системот за да нема негативни ефекти врз останатиот дел од финансискиот систем.
– Со оглед на тоа што сопствениците на „Еуростандард банка” не ја исполнија својата законска обврска за докaпитализација на Банката, единственото што Народната банка остануваше да го направи за да се заштити билансот на банката од натамошно влошување беше да ја исполни својата законска обврска и да ја укине дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка” АД Скопје, и на тој начин да ги стави средствата и имотот на располагање на доверителите – велат од Народна банка.
Во нивната реакција потенцираат дека на преземањето на таква мерка претходела интензивната комуникацијата со сопствениците, во која Народната банка постојано укажувала на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистирала на итна докапитализација, потенцирајќи ги јасно последиците од неисполнувањето на нивната законска обврска за санација на Банката со дополнителна уплата на капитал.
– Уште еднаш нагласуваме дека согласно со своите законски надлежности, Народната банка ги има преземено сите соодветни мерки, вклучително и законската обврска за поднесување кривична пријава за предизвикување стечај и штета на доверителите на „Еуростандард банка” АД Скопје, со предлог за преземање и други мерки за натамошна заштита на интересите на доверителите – се вели во реакцијата на Народна банка.