Се вклучи црвениот аларм на презадолженост, нѐ очекува ли грчко сценарио?

Според усвоениот критериум од Мастрихт, земјите со долг кој надминува 60 проценти од БДП се рангираат како високо задолжени.

3,490

Промената на проекциите на долгот и дефицитот на почетокот на собраниската дебата за ребалансот на Буџетот од страна на Министерството за финансии го отвори прашањето за задолженоста на земјава која ја надмина границата од 60 отсто од БДП и влезе во зоната на висока задолженост.

Власта вели дека долгот се држи под контрола, а се зголемува поради тоа што државата мора да се справи со последиците од коронакризата и да вбризга дел од парите во економијата и кај граѓаните преку четвртиот пакет економски мерки. Опозицијата, пак, со став дека „должничкото сценарио станува драматично“. Експертите се со став дека е добро да не се надмине границата, зашто ќе биде проблем враќањето на долгот ако економијата не почне да се опоравува.






Министерот за финансии Фатмир Бесими за надминатите 60,3 отсто од БДП со долгот ја обвини редовната ревизија на податоците за домашниот бруто производ направена од Државниот завод за статистика.

Тој рече дека како резултат на ревизијата на податоците за БДП јавниот долг веќе не изнесува 59,5 проценти од БДП, како што беше објавено кога Владата ја усвои прекроената државната каса, туку сега е 60,3 отсто од БДП. Оваа ревизија, како што информира, ја помести и вредноста на буџетскиот дефицит во однос на БДП од претходните 8,4 на 8,5 проценти.

Овој податок покажува дека е надминат критериумот од Мастрихт според кој со ваков процент на задолженост земјава влегува во категоријата високозадолжени земји.

Според усвоениот критериум од Мастрихт, земјите со долг кој надминува 60 проценти од БДП се рангираат како високо задолжени. Или, според класификациите на Светската банка, земјите со јавен долг од 40 отсто од БДП се сметаат за ниско задолжени, оние со долг од 40 до 60 проценти од БДП се умерено задолжени, а земјите со долг над 60 отсто од БДП се во категоријата на високо задолжени земји.

Опозицијата ова веќе подолг период го толкува како драматично должничко сценарио. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна напиша пост на својот профил на Фејсбук во кој предупреди дека се надминува границата од Мастришките критериуми од над 60 отсто од БДП.

„Должничкото сценарио станува драматично, додека Владата нема капитални проекти, а ги троши парите на граѓаните. Економијата на Заев блеска со порази, неспособност и криминал. Го достигнаа историскиот максимум во задолжувањето, исто како и во кризата и неспособноста на било која влада до сега“, напиша Мицкоски.

Во тој контекст се и дискусиите по ребалансот на пратениците од опозициската партија поврзани со ребалансот на буџетот.

– Јавнот долг порасна за милијарда евра, а се нема план како да се намали. Дури и фискалната стратегија не содржи план за намалување на долгот. Дефицитот ќе стигне на 920 милиони евра и е најголем во однос на сите дефицити на државните буџети. Ова е фактички најлошо сценарио од кое тешко дека ќе излеземе – рече вчера во својата дикусија пратеникот Никола Мицевски.

Буџетскиот дефицит кој сега изнесува 8,5 проценти од БДП и номинално е ист како и претходно – 920 милиони евра, ќе предизвика ново зголемување на јавниот долг, зашто тие пари ќе се позајмат сега веќе и од домашни извори.

За економистите државата фактички е влезена во црвената алармантна зона и тешко ќе може да излезе од таму ако не заживее економијата.

Економскиот институт „Фајнанс тинк” во својата анализа од јуни алармираше дека порастот на јавниот долг и продолжувањето на здравствената криза, следната година ќе создадат проблеми бидејќи доспева обврзницата од половина милијарда евра.

„Обезбедените средства за време на ковид-19 од близу една милијарда евра се доволни да го финансираат предвидениот буџетски дефицит во 2020 година и отплатата на еврообврзницата од 270 милиони евра во декември 2020, но продолжените економски ефекти од пандемијата и обврзницата која достасува во јули 2021 година во вредност од половина милијарда евра ги зголемуваат потребите за финансирање и притисокот врз јавниот долг“, наведоа тогаш од „Фајнанс тинк“.

Професорот Борче Треновски вели дека е добро да не се надмине границата од 60 отсто, зашто земјата може да биде доведена во тешка состојба да се справи со неговото враќање.

– Целата наша стратегија е дека ние брзо ќе се опоравиме и ќе можеме во блиска иднина безболно да го вратиме нивото на јавен долг и дека ќе имаме економски раст следната година, и годината после неа и ќе се опоравиме. Меѓутоа што ако хипотетички ситуацијата не е баш така? Значи што би можеле да направиме во тој момент? Од каде ќе најдеме ние извори за да го поттикнеме нашиот економски раст и да можеме да го вратиме долгот и да се раздолжиме имајќи предвид дека ќе мора дополнително да се задолжуваме за да се раздолжиме во периодот кој доаѓа. Шеесетте проценти е онаа психолошка граница која беше психолошки ограничена, меѓутоа истражувањата покажуваат дека не е пожелно да се надминува оваа граница – изјави за „Денар“ професорот Борче Треновски.

Власта се правда дека буџетот е стабилен, а економијата почнува да се опоравува па враќањето на долгот ќе биде полесно.

 

 

Поврзани содржини