Вонредна состојба во Македонија пак мора да се воведе, треба ли да стасаме до 1.000 нови случаи дневно за да го сфатиме тоа?!
Форма на раководење со државата што се вика вонредна состојба постои за да се избегне инертноста на „редовниот” начин на носење одлуки. Дали кај нас ситуацијата веќе e зрела за вонредна состојба? Експертите се согласни - да, ситуацијата е зрела за тоа.
Развојот на пандемијата ковид-19 во Европа е „многу загрижувачки“, иако ситуацијата не е како во март и април, предупреди европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО).
– Бројот на случаи расте секој ден, како и бројот на приеми во болница. Ковид сега е петта причина за смрт и е достигнат прагот од 1.000 смртни случаи на ден – изјави директорот на СЗО на европскиот огранок на СЗО на онлајн прес-конференција и ја истакна важноста на воведување нови мерки низ цела Европа за забавување на ширењето на коронавирусот.
Во европската зона на СЗО, која вклучува 53 земји, вклучително и Русија, има повеќе од 7,25 милиони заразени и скоро 250.000 луѓе починаа од последиците на коронавирусот.

Ригорозни мерки во Франција, Чешка, Германија…
Повеќето европски земји повторно ги засилуваат рестриктивните мерки. Франција воведе вонредна состојба и полициски час. Претседателот Емануел Макрон, во драматично обраќање до нацијата, објави дека полицискиот час ќе биде во сила од 21 до 6 часот наутро, почнувајќи од сабота, 17 октомври. Во наредните четири недели Французите ќе треба да заборават на ресторани и на други собири.
Чешка сега е европски рекордер со најголем број заразени лица по глава на жител. Освен другите рестрикции, таму сега училиштата целосно се префрлија на онлајн настава. Но, болниците се полнат и се случи она што никој не го очекуваше – здравствениот систем е пред колапс.
Состојбата е лоша и во Германија. Мерката носење маски на отворено стапи во сила. Ограничени се работното време на рестораните и бројот на луѓето што можат да присуствуваат на јавни собири. И владата на Италија нареди задолжително носење маски на отворено, а продолжена е вонредната состојба до 31 јануари.

Корона беснее и во нашиот регион
Во нашиот регион состојбата добива димензии на драматичност. Денеска, четврток 15 октомври, во Србија се регистрирани 203 нови случаи во последните 24 часа (од 6.504 тестирања) и веќе во текот на утрешниот ден кризниот штаб ќе донесе нови рестриктивни мерки.
Соседна Бугарија во последните 24 часа забележа неславен рекорд од 819 новозаразени од 5.898 тестови. И во Грција бројките се огромни – 454 нови случаи во последните 24 часа. Напоменуваме дека станува збор за податоци соопштени на 15 октомври.
Словенија од утре воведува карантин во седум од 12 региони, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, одлучи владата во Љубљана. Таквата мерка е воведена за овие региони затоа што во изминатите две недели просечно се бележат 140 позитивни лица на ковид-19 на 100.000 жители.
Што ќе правиме ние во Македонија?
Во нашата земја бројките се алармантни, а најзагрижувачки е што болниците веќе се преполни. Со денешниот рекорд од 535 новозаразени, Македонија ја „проби“ цифрата од 500 нови случаи дневно и веќе е јасно дека ова е стихија. Прашање е на денови кога болничките капацитети ќе се преполнат, бидејќи ниту здравствените власти предлагаат ригорозни мерки, ниту населението ги почитува постоечките мерки и препораки.
Кај нас, освен стручни, се водат и политички дебати за тоа дали се потребни нови рестрикции и дали и Македонија треба да размислува за повторно воведување вонредна состојба. Темата има политичка димензија, бидејќи постојат несогласувања меѓу власта и опозицијата околу парламентарното потврдување на владините уредби донесени и спроведени во текот на претходната вонредна состојба, која беше укината заради изборите. По укинувањето на вонредната состојба, кај нас ситуацијата нагло се влоши уште во текот на летото, пред есенскиот бран што беше најавен и што еве, сега сите нѐ загрижува.
Нема дилеми дека ригорозни рестрикции имаат смисла само во услови на кризно менаџирање на дневна основа, што пак е можно само во ситуација на прогласена вонредна состојба. Македонскиот парламент е на работ и фактички да стане неспособен да заседава. Но, надвор од политичкиот апскет на темата, прашањето дали ни е потребна вонредна состојба има стручна димензија, која е најважна.
Д-р Никола Пановски, кој често настапува во јавноста со анализи на ситуацијата, за Плусинфо вели:
– Од аспект на здравствена заштита, да, треба вонредна состојба. Како лекар велам -да, но како граѓанин – не. Најуспешните здравствени системи во сиромашните земји се при диктатирски режими. Ако се воведе вонредна состојба, треба да трае едно шест месеци. Што ќе остане од демократијата и од човечките права и слободи до тогаш!?

Вонредна состојба е нужна за да се совлада „инертноста“ на системот
Д-р Драган Даниловски се согласува дека дефинитивно нешто треба да се направи.
– Она што е најважно е да не се дозволи пречекорување на капацитетот на здравствениот систем. Бројот на хоспитализираните сега е на ниво на крајот на јули (419). Исто така, засега и бројот на починатите не расте пропорционално со бројот на новите дневни случаи. Се плашам дека данокот во смрт на високите бројки на нови случаи ќе се плати после две-три недели. Загрижува и фактот што здравствените работници се веќе на работ на издржливост – вели тој.

Д-р Даниловски објаснува дека препорачаните мерки од Комисијата за заразни болести, кои беа прифатени на седница на Владата на 13 октомври, за да станат функционални, треба претходно да се поткрепат со измени во Законот за заштита на населението од заразни болести. А за тоа е потребно Собранието. Дури по усвојувањето на измените на овој закон, Владата ќе може мерките да ги преточи во подзаконски акти, за да станат функционални.
– Се прашувам, колку време ќе биде потребно за тоа? Затоа постои форма на раководење со државата, што се вика вонредна состојба, за да се избегне инертноста на „редовниот” начин на носење одлуки. Дали кај нас е веќе зрела ситуацијата за вонредна состојба? Мислам дека е! Така поефикасно ќе може да се реагира, зашто развојот на епидемиолошката ситуација мошне брзо се влошува. А есента тукуречи не е ни почната – вели епидемиологот.
Одговорот на прашањето на д-р Даниловски колку време ни е потребно за да се освестиме, ќе го добиеме наскоро. Бројот на нови заразени кај нас забрзано расте. Ја поминавме „магичната“ бројка од 500 нови случаи дневно и сега грабиме нагоре. Треба ли да стасаме до бројката од 1.000 нови случаи дневно, за да сфатиме дека вонредната состојба е неизбежна?