Само бате Заев и бате Бојко во Софија можат да договорат решение за спорните прашања, но прашање е колкава ќе биде цената
Софија го подига влогот во преговорите со Скопје и ги бетонира своите позиции пред 10 ноември, кога во бугарската престолнина ќе се одржи клучната средба во рамките на Берлинскиот процес. Заев и Борисов треба да ги решат проблемите пред тој настан.
Малку е веројатно дека денешната расправа за националната припадност на револуционерот Гоце Делчев и за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија, во мешовитата македонско-бугарска комисија, што се одржува во Скопје, ќе ги приближи позициите на Софија и Скопје, брифира за Плусинфо извор добро упатен во односите меѓу двете земји.
– Евентуално решение на спорните прашања може да се очекува при најавената посета на премиерот Зоран Заев на Софија, доколку до неа воопшто дојде пред 10 ноември и доколку таа средба е добро подготвена – вели нашиот извор.
И бугарската новинска агенција БГНЕС го споменува 10 ноември како датум кога ќе се знае дали Македонија ќе ги почне преговори со ЕУ во текот на оваа година, во рамките на германското претседателство со Унијата. На овој датум во Софија ќе се одржи средба во рамки на Берлинскиот процес. Ако Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов постигнат напредок во преговорите пред тоа, можно е токму во оваа прилика Македонија да добие неформална покана за долго најавуваната меѓувладина конференција, односно за конечен почеток на преговорите за членство.
Но, откако минатата недела министерот за надворешни работи Бујар Османи ја посети Софија, по неговото враќање дома, премиерот Заев прво изјави дека можеби ќе треба јавноста во Македонија да се подготвува за одложување на стартот на преговорите со ЕУ, а денеска потврди дека сака да ја посети Софија во обид да се најде решение за спорните прашања.
Се чини дека тоа нема да биде лесно. Напротив, проблемите се усложнуваат. Така, додека во Скопје расправа мешовитата македонско-бугарска комисија и наводно веќе решила некои помалку важни прашања, во Софија истовремено расправа бугарската Комисија за образование и наука, за предлогот за преименување на 24 мај од Ден на словенската писменост во Ден на бугарската писменост. Предлогот за преименување на празникот во парламентот беше поднесен од партијата ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, со поддршка од партијата на премиерот Бојко Борисов. Во образложението е наведено дека ова е „логична и природна промена, прв чекор кон признавањето на кирилицата како бугарска азбука“.
– Софија го подига влогот во преговорите со Скопје и ги бетонира своите позиции – оценува нашиот извор.
Недоумици предизвикува и речиси целогодишното одбивање на македонската страна да го потпише протоколот од последната средба на мешовитата македонско–бугарска комисија за историски и други прашања лани во ноември во Софија. Во јавноста се шпекулира дека ова одбивање можеби има врска со тврдењата на македонскиот опозициски лидер Христијан Мицкоски, кој изјави дека постои официјален предлог на Софија за потпишување на нов договор со Бугарија, со кој ќе се бараат уставни гаранции и ќе се признае дека македонска нација и јазик постојат од 1945 година.
Властите во Скопје ја отфрлија оваа можност, но никој уверливо не демантира дека Заев во Софија нема да се соочи со такво максималистичко барање.
Сето ова укажува дека ѕидот меѓу Софија и Скопје во овој момент е превисок, а има само уште 25 дена за да се најде решение за проблемите, ако се сака Македонија да ги почне преговорите со ЕУ до крајот на годината. Наспроти оптимизмот на министерот Османи дека има можности за компромисно решение, познавачите велат дека тоа многу тешко ќе се случи.