Македонските граѓани во Европскиот суд за човекови права во Стразбур најчесто се жалат на правото на правично и судење во разумен рок, правото на сопственост и правото на слобода и безбедност, како и недостиг од ефективно спроведена истрага, вели во интервју за Плусинфо Јелена Ристиќ, универзитетски професор по меѓународно право која по дипломирањето на Правниот факултет во Скопје имала можност да работи во меѓународниот суд.
– Неколку години по дипломирањето на правниот факултет, ми се укажа можност да работм во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Се пријавив на повик за млади правници распишан од страна на Советот на Европа и Судот во Стразбур и имав среќа да бидам избрана. Следејќи го мојот интерес за Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за човекови права, во тоа време веќе го имав продолжено моето образование на постдипломски студии од областа на меѓународното право и човековите права. Во Стразбур престојував скоро пола година и тоа за мене беше непроценливо значајно искуство и ретка можност да учам за системот на Европската конвенција за човекови права и конвенциското право на местото каде што се наоѓа нивниот извор – вели Ристиќ која е и заменик претседателка на македонската Адвокатска комора.
Добар дел од нејзината работа во судот се состоела во прегледување на апликациите кои ги доставуваат македонските граѓани, особено, како што вели, во контекст на испитување на исполнетоста на критериумите за допуштеност, како услов чие исполнување е потребно за судот да може да се впушти во одлучување за основаноста на жалбените наводи.
– Бев импресионирана од концептот на работа на овој меѓународен суд, кој е воспоставен со Европската конвенција за човекови права како контролен механизам во насока на обезбедување заштита на слободите и правата гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи и има централна улога во европскиот систем за заштита на основните права и слободи. Мојот интерес и работата поврзана со Европската конвенција за човекови права и Судот во Стразбур во континуитет траат веќе скоро петнаесет години. Во таа насока, меѓу другото, набргу по завршување на докторските студии од областа на меѓународното право за човекови права, ја издадов книгата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човекови права (со посебен осврт на критериумите за допуштеност)“, при што значајна инспирација и поттик ми беше токму искуството стекнато во Судот во Стразбур, а многу скоро во печат ќе излезе уште една моја книга поврзана со заштитата на определени човекови права пред Европскиот суд за човекови права – вели Ристиќ.
Големо внимание деновиве предизвика веста од Стразбур дека десет поранешни функционери од Македонија ја тужат државата, но оваа информација поттикна и спротивставени ставови во однос на постапката на меѓународниот суд за овие македонски случаи и отвори дилеми дали судот во Стразбур сега ја почнува постапката за апликациите поднесени пред три години кои можеби ќе бидат и одбиени, или пак, како што тврди застапникот на тужителите Македонија е исправена пред пријателска спогодба по насока на судот во Стразбур.
Во овој контекст кажете ни како тече постапката во судот од денот кога ќе стаса апликација од засегнат граѓанин?
– Деновиве во јавноста се пласираа различни ставови во врска со постапувањето на Судот во Стразбур, кои поттикнаа повеќе различни толкувања и разбирања во однос на тоа што всушност во моментов значи веста дека група поранешни функционери ја тужат државата пред овој меѓународен суд. Од оваа причина, се сложувам дека е многу важно најпрво добро да се објасни како тече постапката пред Судот. Постојат две главни фази при разгледувањето на апликации пред Судот во Стразбур: фаза на оценување на допуштеноста (се работи за претежно формални претпоставки) и фаза на оценување на основаноста (т.е. суштината на жалбените наводи). Имено, за да може Судот да се впушти во одлучување за основаноста на жалбените наводи, најпрво треба да бидат исполнети определени критериуми за допуштеност на апликацијата.
По поднесување на апликацијата до Судот во Стразбур, истата вообичаено се распоредува на една од судските формации во рамки на Судот (судија поединец, комитет, судски совет). Така, доколку апликацијата е очигледно недопуштена, од причина што не исполнува некој од критериумите за допуштеност, се распоредува на судија-поединец. Одлуката за недопуштеност донесена од судија-поединец е конечна и со тоа предметот се затвора без воопшто да се навлезе во разгледување на основаноста на предметот. Комитетот и судскиот совет разгледуваат апликации кои не се очигледно недопуштени и потребно е дополнително да се разгледаат, што не значи дека овие судски формации, откако ќе ги разгледаат апликациите, не може да ги прогласат истите за недопуштени и да го затворат предметот, напротив.
Во актуелниот случај, Судот оценил дека постојат елементарни услови за разгледување на апликацијата од страна на судски совет, кој вообичаено разгледува предмети што се однесуваат на прашања кои не се предмет на добро утврдена практика на Судот, односно не се репетитивни. Како што споменав, судскиот совет сè уште може да ја прогласи апликацијата за недопуштена. Имено, секоја апликација што се смета за недопуштена може да биде отфрлена во било која фаза на постапката. Доколку тоа не го стори, по прелиминарното разгледување на допуштеноста, судскиот совет ќе ја извести засегнатата влада за апликацијата и ќе ја покани да достави писмени опсервации во однос на допуштеноста и основаноста на целиот предмет или на еден или повеќе од жалбените наводи.
По известувањето, односно комуницирањето на предметот на државата, Судот им остава на странките период од дванаесет недели да се обидат спогодбено да го решат предметот. Доколку во оставениот период предметот не се реши врз основа на пријателско спогодување или унилатерална декларација (еднострана изјава во која се потврдува дека има повреда и ќе се обезбеди обесштетување), тогаш следува следната фаза во која странките треба да поднесат опсервации.
По правило, од владата се бара да ги достави нејзините опсервации во рок од дванаесет недели. По добивање на владините опсервации, истите се доставуваат на жалителот, кој ќе биде поканет да одговори на нив во рок од шест недели. Понатаму, по разгледување на предметот, заедно со поднесените опсервации, и доколку апликацијата не биде прогласена за недопуштена, Судот одлучува за основаноста на предметот. Притоа, Судот може да најде дека е сторена повреда на Конвенцијата, но може и, сосема спротивно, да најде дека не е сторена повреда на Конвенцијата.
Судот во Стразбур на 25 септември годинава испратил неколку прашања на кои треба да одговори државата, а поврзани со аболицијата на поранешниот претсeдател Ѓорге Иванов. Одговорите на овие прашања, како што велат експерти, се пресудни за завршницата на случајот. Но, може ли да ни објасните, во која фаза сега е постапката со оглед на почната кореспонденција од страна на судот спрема државата и што, според судската практика на ЕСЧП ќе следува?
– Како што споменав, по прелиминарното разгледување на допуштеноста на апликацијата, Судот ја известува (комуницира) Владата за постоењето на апликацијата, при што ја повикува да се произнесе со свои опсервации во однос на допуштеноста и основаноста на жалбените наводи во истата. Имено, сега постапката е во фаза на комуницирање на предметот, односно имаме т.н.„комунициран предмет“.
Според новата практика на Судот, во најголемиот број комуницирани предмети Судот вклучува и предлог за пријателско спогодување во моментот кога се известува засегнатата држава за предметот. Имено, по комуницирањето на предметот, Судот им остава на странките период од дванаесет недели да се обидат спогодбено да го решат предметот. Значи, не се работи за стриктно барање и наложување од страна на Судот предметот да се реши спогодбено, туку за избор. Актуелниот случај се наоѓа токму во оваа фаза. Доколку во овој период предметот не се реши врз основа на пријателско спогодување или унилатерална декларација, тогаш следува фазата во која странките треба да поднесат опсервации.
Конечно, доколку апликацијата не биде прогласена за недопуштена по поднесените опсервации, Судот одлучува за основаноста на предметот, односно дали постои повреда на определено право на жалителот или не постои. Во однос на ова, важно е да се разјасни дека иако процентот на предмети за кои Судот во Стразбур прифаќа да започне постапка не е голем, и секако е резултат на внимателно и длабинско проучување на наводите во апликацијата, сепак самото прифаќање да се започне постапка пред Судот во Стразбур не претставува по автоматизам своевидна гаранција дека Судот ќе утврди повреда, како што неточно беше објавено во некои медиуми.
Најавите се дека до средината на декември, се очекува двете страни во постапката да седнат на „зелена маса“ и да разговараат за пријателска спогодба. Што велат бројките и европската судска пракса за овој начин на решавање на споровите, конкретно за македонските предмети?
– Согласно статистиката на Европскиот суд за човекови права заклучно со 2019 година (а, почнувајќи од април 1997 година, кога Европската конвенција стапи на сила во однос на нашата држава), досега се поднесени вкупно 5.849 тужби (апликации) во однос на Р. С. Македонија што се распоредени на соодветни судски формации. Од нив, 5.352 апликации се отфрлени како недопуштени или симнати од листата на случаи на Судот. Значи, во просек, скоро 92 отсто од вкупниот број на апликации биле прогласени за недопуштени или симнати од листата на случаи на Судот. Притоа, согласно достапните податоци, во последните десет години вкупно 112 предмети завршиле со спогодба. Преведено во проценти, тоа би значело дека се работи за приближно 4 отсто од предметите.
Колку апликации, односно тужби годишно стасуваат во судот од Македонија, колку пресуди се изречени и дали може да ни кажете колку пари троши државата по пресуди во судот во Стразбур? И дали врз основа на тоа може да се даде оцена за тоа колку во Македонија се почитува Европската конвенција за човекови права и како стоиме по ова прашање во однос на другите земји?
– Во просек, до Судот во Стразбур годишно стасуваат околу 300 тужби (апликации). Според извештајот на Судот во Стразбур за 2019 година, од вкупно 47 држави-членки на Советот на Европа, нашата држава се наоѓа на единаесетто место по бројот на поднесени апликации според број на население, а до сега се изречени пресуди вкупно во 165 предмети. Имено, анализата на статистиката на Европскиот суд за човекови права покажува дека во просек помалку од 5% од вкупниот број на апликации поднесени до Судот завршуваат со пресуда. Оваа состојба делумно се должи и на недоволното познавање на критериумите за допуштеност, без чие исполнување апликацијата не може да напредува во фазата за оценување на нејзината основаност, како и генерално на недоволното познавање на улогата на ЕСЧП, кој не претставува суд од четврта инстанца, односно не е следен во низата на национални судови и во принцип не може да се впушта во разгледување и оценување на тврдења за погрешно утврдена фактичка состојба или погрешно применето право, освен во случај кога е можно да се работи за повреда на слободите и правата кои се заштитени со Конвенцијата. Во секој случај, секоја пресуда на Судот во Стразбур е многу важна, имајќи предвид дека неговите пресуди се коректор на проблемите во однос на почитувањето на стандардите за заштита на човековите права. Во оваа смисла, би додала дека е подеднакво многу важно, веројатно и уште поважно, нивното спроведување, односно извршување. Имено, пресудата којашто не се спроведува го прави беспредметно нејзиното постоење, а самото право станува илузорно. За важноста на пресудите донесени од страна на Судот во Стразбур, како и нивното извршување, меѓудругото, говори и фактот што истите редовно се истакнуваат во извештаите на Европската комисија за напредокот на нашата држава на патот кон ЕУ, особено во контекст на поглавјето 23-правосудство и темелни права.
Во однос на тоа колку државата ја чини правдата која граѓаните ја бараат пред Судот во Стразбур, не постојат сеопфатни податоци и анализи. Сумите секако варираат од предмет до предмет, и зависат од повеќе фактори, како видот и тежината на констатираната повреда, и сл. Така, на пример, во 2019 година, биле донесени 12 пресуди, од кои во 9 биле утврдени повреди на Конвенцијата. Притоа, доделените суми по основ на отштета и трошоци се движеле од 1.500 евра во еден предмет до 190.000 евра во друг предмет (заедничка сума доделена на повеќе апликанти). Вкупната доделена сума по основ на отштета и трошоци во 2019 година е приближно 260.000 евра.
На што најчесто се жалат македонските граѓани во судот во Стразбур?
– Според статистиката на Судот во Стразбур, македонските граѓани најчесто се жалат на правото на правично судење, гарантирано со член 6 од Конвенцијата, при што најголем дел од повредите се однесуваат на правото на судење во разумен рок, односно прекумерното траење на постапката. Освен правото на правично судење, меѓу најчестите констатирани повреди се и повредите на правото на сопственост и правото на слобода и безбедност, како и недостатокот од ефективно спроведена истрага.
Колку, реално и во просек трае една постапка во меѓународниот суд до изрекување на пресуда?
– Во принцип, невозможно е да се каже однапред колку време ќе трае постапката пред Судот во Стразбур до изрекување на пресуда. Имено, постојат многу фактори кои влијаат на времетрањето на постапката, како што се: сложеноста на предметот; видот на судската формација на која ѝ е доделен предметот; исполнителноста на странките во обезбедување на информации на Судот; итноста на предметот и сл. Доколку се направи анализа на досегашната практика на Судот, возможно е до одреден степен да се дадат определени груби индикации во таа насока.
На пример, во 2019 година Судот донесе 12 пресуди во однос на Р.С.Македонија, при што во 9 од нив беше утврдена повреда на определено право заштитено со Конвенцијата. Некои пресуди се донесени од страна на комитет, а некои од страна на судски совет. Ако се анализираат овие пресуди, ќе се утврди дека траењето на постапките се движи меѓу 3 и 11 години (една постапка траела 3 години; една постапка траела 4 години; три постапки траеле по 5 години; една постапка траела 6 години; една постапка траела 8 години; една постапка траела 9 години и една постапка траела 11 години). Средната вредност на траење на овие постапки е приближно 6 години. Сепак, повторувам, не е возможно да се предвиди однапред траењето на определен предмет. Тоа зависи од случај до случај.
Со оглед на тоа што имаме претставник во судот, каква е праксата кога на дневен ред ќе дојдат предмети од матичната земја, иземањето на судијата е задолжително или тоа прашање е оставено отворено да се решава по слободна волја?
– Постојат јасни правила што утврдуваат во кои случаи судија избран во судот во Стразбур може да суди, кога се во прашање предмети против државата во однос на која е избран. Исто така, постојат и правила во однос на ситуациите во кои се очекува од судиите да се изземат од учество во определена постапка. Кога судија на судот во Стразбур суди како судија-поединец, тој, таа не смее да разгледува било каква апликација поднесена против државата во однос на која е избран/а. Понатаму, доколку судијата избран во однос на засегнатата држава не е член на комитетот, комитетот може во било која фаза на постапката да го покани тој судија да замени некој од членовите на комитетот. Во ситуација кога предметот се разгледува од страна на судски совет, како во актуелниот случај, тогаш судијата кој е избран во однос на државата што е страна во спорот е ex officio член на судскиот совет.
Во однос на изземањето, предвидени се неколку ситуации во кои се очекува судија на Судот во Стразбур да се изземе од постапувањето во определен предмет: ако има личен интерес поврзан за предметот, вклучувајќи брачни, родителски или други блиски роднински, лични или професионални врски, или подреден однос, со некоја од страните; ако претходно учествувал во предметот, било како Агент, адвокат или советник на страна или на лице кои има интерес во предметот, или како член на друг национален или меѓународен трибунал или истражна комисија, или во било кое друго својство; и други ситуации во кои од било која причина неговата/нејзината независност или непристрасност е доведена во прашање.
Доколку судија се повлече поради некоја од споменатите причини, ќе го извести претседателот на судскиот совет, кој ќе го изземе судијата од постапување во предметот. Во секој случај, доколку постои било какво сомнение од страна на засегнатиот судија или претседателот на судскиот совет во однос на постоење на некоја од основите за изземање, за тоа прашање ќе одлучува судскиот совет, откако ќе биде сослушан засегнатиот судија.
Како професор по меѓународно право, може ли да ни одговорите дали е законски да му се одземе правото на аболиција на претседателот на државата? И дали незаконски прислушувани разговори можат да бидат докази во судски постапки?
– Со цел правилно информирање на јавноста и подобро разбирање на определени прашања, сметам дека е многу важно најпрво да се објасни значењето и да се разграничат разликите меѓу термините помилување, аболиција и амнестија. Помилувањето претставува акт на милост со кој на поименично определено лице му се овозможува целосно или делумно ослободување од извршување на казната, му се заменува изречената казна со поблага казна, и сл. Значи, овде се работи за лице кое е веќе осудено, односно за кое кривичната постапка веќе завршила со правосилна пресуда. Притоа, помилувањето се дава на определено лице во врска со конкретна осуда, а самото решение за помилување секогаш мора да биде образложено и да се потпира на рационално објаснување. Аболицијата претставува исклучителна форма на помилување. За разлика од помилувањето, аболицијата се однесува на определено лице за кое сè уште се води кривична постапка, односно лице кое сè уште не е осудено. Имено, станува збор за помилување во форма на аболиција, како акт на милост со кој на поименично определено лице му се дава ослободување од гонење. И за помилувањето и за аболицијата, како исклучителна форма на помилување, е надлежен претседателот на државата. Амнестијата претставува акт на законодавното тело во форма на закон, со кој на поименично неопределен круг лица им се овозможува целосно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, и сл. Надлежно за давање амнестија е Собранието. Една од главните разлики во однос на помилувањето е тоа што амнестијата се однесува на поголема група неопределени лица во дадени околности, додека помилувањето се однесува на поединечни конкретни лица. Имено, токму поради широкиот опфат, амнестија може да даде само Собранието.
Една од уставните надлежности на претседателот на државата е „да дава помилување во согласност со закон“. Според ова, произлегува дека Уставот го овластува законодавецот да го регулира правото на помилување, на начин како што законодавецот смета за соодветно. Во оваа смисла, правото на помилување би можело да се ограничи во насока на исклучување на можноста истото да го опфаќа и правото на претседателот да аболицира. Во таков случај, помилувањата би ги опфаќале само осудените лица, а не и лицата кои сè уште не се осудени, односно за кои сè уште се води постапка. Секако, задолжително е постоење на одредби од процедурален карактер. Имено, пожелно е претседателот да не го врши помилувањето самостојно, туку на предлот на министерот за правда и врз претходно мислење на судот. Многу е важно да не се заобиколува судската власт, од причина што помилувањето всушност ги дерогира судските одлуки.
Инаку, компаративно, повеќето европски држави го признаваат само правото на помилување, а не и правото на аболиција. Исто така, во оваа смисла, ГРЕКО во своите извештаи повика определени држави да ревидираат одредени уставни и законски одредби, каде што се предвидува правото на аболиција на шефот на државата, односно правото да блокира или запира тековни истраги и кривични постапки. Постои тенденција концептот на аболицијата сè повеќе да се критикува и да не се прифаќа, од причина што се смета за сериозно мешање во работата на судството. Од друга страна, помилувањето како концепт може полесно да се оправда, имајќи предвид дека веќе е утврдена вина од страна на судот, па според тоа со помилувањето се влијае само на видот или траењето на казната, во согласност со рационални причини.
Во однос на второто прашање, би тргнала од судската практика на судот во Стразбур. Имено, во неколку пресуди е утврдено дека незаконски стекнати материјали може да бидат докази во судски постапки. Секако, не смее да се занемари фактот дека во секој случај е потребен индивидуален пристап. Притоа, водилка треба да да биде јавниот интерес наспроти приватниот интерес, односно заштитата на приватниот живот на поединците во конкретниот случај, особено кога има масовна појава. Но, исто така, притоа е исклучително важно добро да се образложат причините поради кои бил прифатен јавниот интерес наспроти приватниот, во контекст на извршениот тест на пропорционалност при спротиставување на јавниот и приватниот интерес. Конечно, останува на судот да цени и да одлучи во кој случај незаконски обезбедени материјали ќе бидат прифатени како докази, а во кој случај ќе бидат користени само како индиции.
И за крај, кажете ни некој случај, решаван во судот во Стразбур на еклатантно прекршување на човековите права, кој ви оставил најголем впечаток, каква била пресудата и последиците за државата?
– Судот во Стразбур, во рамки на својата богата судска практика, донел бројни пресуди со кои извршил значајно влијание за подобрување на состојбите во државите-членки на Советот на Европа, и пошироко, во контекст на заштита и унапредување на разни човекови права и слободи. Јас лично, со големо внимание внимание го следам развојот на практиката на Судот во областа на насилство врз жени и домашно насилство. Имено, сметам дека еден од најважните параметри за оцена на нивото на цивилизираност и култура на едно општество е начинот на кој се третираат жените.
Во оваа смисла, Судот во Стразбур има развиено многу значајна судска практика, во врска со скоро сите форми на родово-базирано насилство, односно насилство врз жени, со што изврши големо влијание на унапредување на заштитата на правата на жените и девојчињата во многу држави, особено имајќи предвид дека при извршување на пресудите во кои е утврдена повреда од државите се бара да усвојат повеќе видови на мерки, вклучувајќи и законски измени чија цел е да спречат настанување на слични повреди во иднина.
Судот претежно разгледувал и одлучувал во случаи поврзани со семејно насилство, силување и сексуално злоставување, но исто така се осврнал и на други форми на родово-базирано насилство, како што се деградирачко и понижувачко постапување во притвор, полициско насилство, осакатување на женски гениталии, злосторство заради чест, присилен брак, социјално исклучување, трговија со луѓе, итн.Така, постои многу позитивен развој во рамките на судската практика на Судот во врска со различните форми на родово-базирано насилство, како што е: вклучување и негативни и позитивни обврски за државата во контекст на членовите 2, 3, 4 и 8 (право на живот, забрана за мачење, забрана на ропство и принудна работа и право на приватност) (Airey v. Ireland; Osman v. the United Kingdom; Kontrova v. Slovakia; Bevacqua and S. v. Bulgaria; Valiuliené v. Lithuania; Talpis v. Italy); барање од државите да дејствуваат и во ситуации што се случуваат исклучиво во приватната сфера (Osman v. the United Kingdom; Kontrova v. Slovakia); утврдување дека родово-базираното насилство резултира во дискриминација (Opuz v. Turkey); воспоставување на принципот дека во одредени околности семејното насилство и силување може да спаѓаат во член 3 (забрана за мачење), итн.